Баришиќ: Хрватска најдобро ја разбира Македонија!

„Добар ден на сите, јас се уште не зборувам македонски, и затоа ќе Ви зборувам на на хрватски. Би сакала сите да Ве поздравам, во име на Министерството за надворешни работи и во име на Република Хрватска”, изјави амбасадорката на Република Хрватска во Македонија, Данијела Баришиќ, на отворањето на јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“ што ЦИВИЛ – Центар за слобода ја организираше во ГЕМ Клубот во Скопје, на 31 август 2015. Дискусијата, на која присуствуваа повеќе претставници на меѓународната заедница (дипломати и странски организации), на граѓанското општество, на експертската јавност, медиуми..., е дел до проектот „Моето гласачко право“, чија цел е јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси во Република Македонија, засновани на демократски стандарди наспроти изборните нерегуларности.

„Како држава која последна влезе во ЕУ, ние имаме нешто што другите земји го немаат. Тоа е искуството коешто може најдобро да им користи на земјите во Југоисточна Европа, ние најдобро Ве разбираме. И ние вас, и вие нас. Затоа, во рамките на Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, создадовме нешто што го нарековме Центар за одличност (Centar za izvrsnost / Center for Exellency)... Во него се собрани сите луѓе што ги поминаа сите наши преговори со ЕУ, во сите поглавја. Освен со експертите кои се во државните институции, ние соработуваме и со невладиниот сектор. Со Драган Зелиќ од ГОНГ соработуваме долго време и тоа нé збогатува нас во државните институции, но и ние му даваме добри информации на цивилниот сектор и се надевам дека е взаемно задоволството. Се надевам дека ќе имате корисни информации, кои ќе ѝ помогнат на Македонија кон приближување во евроатланските процеси”, рече Баришиќ во пригодното обраќање.

Целта на настанот под мотото „Влезот е слободен, излезот е возможен“ беше потрага по решенија за големите проблеми кои ги придружуваат изборните процеси во Република Македонија, и тоа е само една активност од серијата настани кои летово ги организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода низ Македонија.

Print Friendly, PDF & Email