Битола, град на социјалната неправда

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Иван Јерчиќ, актер и член на здружението „За нас се работи“, за социјалната правда во Битола и колку политичката криза влијае врз битолчани и нивниот социо-културен живот.

„Политичката состојба влијае на сѐ во општеството, па затоа ниту културата не остана имуна. Факт е дека културата е исполитизирана. Затоа многу мои колеги се ангажираа во активистички граѓански здруженија и иницијативи, движења за социјална правда и за човекови права и слободи. На тој начин ги бараат своите права и го искажуваат своето незадоволство.“, изјави Иван Јерчиќ за Цивил Медиа.

Културните работници се опфатени со законот за хонорарци. Битолскиот народен театар беше дел од потписниците на претставките против законот за хонорарци, поднесени пред Уставниот суд на 24 април. Протестот беше организиран од иницијативата „Не за неуставните закони за хонорарци.“

На прашањето како хонорарците во Битола се справуваат со законот, Јерќиќ одговори: „Во поглед на законот за хонорарци, во системот постои хаос. Самите институции кои треба да го спроведат овој закон не се запознаени со него целосно и не знаат како треба да функционира. Многу од моите пријатели кои се на хонорар, сè уште немаат добиено потврда каде и колку треба да платат данок. Мислам дека законот нема многу да издржи.“

Растечки проблем во Македонија е иселувањето на младите. Според некои податоци во Битола и околината околу 40 000  граѓан(к)и се иселиле во странство. Најголемиот дел од нив се млади лица кои својата перспектива ја гледаат надвор од државата.

„Младите бегаат од Битола. Немаме некои релевантни податоци за бројот на млади кои се иселиле бидејќи немаме ни попис, па така сè се сведува на шпекулации. Голем е бројот на иселени млади битолчани во Скопје и во странство кои немаат намера да се вратат во Битола. Во однос на перспективата, младите, за жал, ја гледаат во административно вработување. Немаат интерес за приватниот сектор ниту идеја нешто самите да направат. Отворање на сопствена фирма е многу тешко, па затоа сите се борат за државна плата и сигурност.“, вели Јерчиќ.

Ако социјалната правда треба да ги заштити работничките права во вистинска смисла на зборот, тогаш, според Јерчиќ, Македонија се наоѓа во ранлива состојба.

„Социјална правда, првенствено, значи дека секој може да го оствари своето право на работа. Во Битола, а и во цела Македонија, состојбата е многу тешка. Синдикалното организирање е целосно уништено.“, вели тој.

Градот на конзулите се соочува и со проблемот на загадениот воздух кој придонесува за зголемената стапка на морталитет. Здружението „За нас се работи“ во неколку наврати протестираше и покрена иницијатива за исправка на мерните единици за загаденост.

Print Friendly, PDF & Email