Битолчани: Немаме резервен град за живеење!

ЦИВИЛ Медиа го проследи протестот за оставка на битолскиот градоначалник Владимир Талески, организиран од здружението на граѓани „За нас се работи“. Под мотото „Сложно и заеднички за битолско утре“, на 27 мај, со почеток во 18 часот на плоштадот „Будење“, на протестот излегоа околу две илјади битолчани. Протестот помина мирно, а пред општината дел од протестантите останаа да кампуваат.

Тимот на Цивил Медиа разговараше со Иван Јерчиќ, актер и еден од организаторите на протестот. Јеричиќ изјави дека следниот чекор на Здружението е собирање на потписи за распишување на референдум за нови локални избори.

Во продолжение изјавата на Иван Јерчиќ.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=uYZyx_DbqKE[/youtube]

Како што беше најавено, во средата, на 28 мај, битолчани го предадоа барањето за оставка на градоначалникот на службите во Општина Битола.

Градоначалникот, како одговор на барањето, на својот Фејсбук статус објави: „Луѓето сè убаво направиле, арно ама, никому не му паднало на памет дека АДРЕСАТА е грешна и името и презимето на градоначалникот се грешни... Адресата е општина Струмица, а името на градоначалникот е Зоран Заев. Ќе се сетите: тој е оној кој во последно време се занимава со прислушување, снимки, монтажи, сечење, лепење, емитување, бомбардирање... А јас не сум тој. Јас не сум Заев...“

Со своја реакција излезе и Здружението „За нас се работи“: „Не насочува кон Струмица и писмото ќе го адресирал до таму... Е, па, ние друг резервен град за живеење немаме! Родени сме тука и сакаме да живееме овде. Битола е град со кој некогаш сме се гордееле, а денес се срамиме од тоа како градот изгледа, благодарение на еден човек кој од некаде дошол тука. На денот на протестот повика силно полициско обезбедување, а истото се повтори и наредниот ден, со цел да ги заплашува сопствените граѓани, претставувајќи не како некои хулигани и криминалци. Но, во градот на културата, еснафите и конзулите, тоа не поминува. “

Вчера  Здружението одлучуваше за отпочнување на иницијативата за собирање потписи за распишување на референдумот за локални избори.

Биљана Јордановска

Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English