Газдите ги бркаат работниците за да не плаќаат придонеси

Никаква заштита и катастрофални услови за работа и работење и во саботи и недели, се секојдневие на еден работник во фабрика во Битола со кого разговараше ЦИВИЛ Медиа. Тој бил избркан од фабриката без никакво образложение. Пред потпишувањето на договорот, му било кажано дека третата смена ќе се плаќа екстра - еден час ќе се му се смета како час ипол. Исто така, во договорот стоело дека се работи од понеделник до петок, сабота и недела ќе бидат слободни денови и ќе има одмор од 23 работни дена. Договорот воопшто не бил почитуван. 

„Работевме секоја сабота, а некогаш и недела. Саботите и неделите не беа платени, а ни ги сметаа како слободни денови и тоа не кога сакаме ние да ги земеме, туку кога ќе одлучи раководството на фабриката. Беше кажано дека ќе користиме колективен годишен одмор,  а тој го дадоа пред Нова година кога веќе јас бев избркан од фабриката и не можев да го искористам“, ни изјави соговорникот.

Тој раскажува за катастрофалните услови за работа, високата температура на која работел и немањето заштита при работата.

„Ни беше ветено дека ќе имаме константна температура од 23 степени во халата, тоа не се случи, ние не видовме клима, условите беа многу тешки за работа,  преголем број на луѓе, а премал беше просторот. Значи, буквално се потевме, се судиравме, немаше воздух, мирисаше на пластика, што е нормално за таква фабрика, но немаше никаква вентилација“, вели тој.

Според работникот, причината поради која бил избркан е изигрувањето со рекламната тактика на Владата да плаќа придонеси за нововработените во првите три месеци. Потоа, редовно се бркаат по 50 работници, а се примаат нови 50. На тој начин сопствениците го избегнуваат плаќањето на придонеси.

„Кога ги прашав кој го користи мојот матичен број што го имав додека работев таму, ми рекоа дека тој е само мој. Значи, мене сѐ уште ме водат како вработен таму, иако јас веќе година и пол веќе не сум веќе во фабриката?!  Реалната бројка на вработените е 1. 400, а се претставува дека се 3.000 луѓе. Некои не издржуваат ниту еден месец затоа што условите се многу тешки или некои после три месеци ги отпуштаат.“

Print Friendly, PDF & Email