ЕДЕН ДЕН ОД ЖИВОТОТ НА ЕДНА САМОХРАНА МАЈКА

 (Не)обична исповед, дневна доза од животната приказна на една интелектуалка, невработена, немажена мајка... Во Скопје, во Македонија, тука крај нас.

Среќен роденден Мамооо!

Од денот кога зачнав, се будам со неизглаголива радост.

И денес, на мојот роденден, станав со полна пареа, ангелчето мирно спие до мене, па побрзав да се искрадам од креветот за да ставам млеко да и се свари и олади, дури се разбуди. Се подготвив за моите дневни обврски и го разбудив моето срце. Прегратки, гушкање, миење, витамини  и млеко, сакам-нејќам, облекување, ранчето во рака и подготвени сме... Врне надвор... ајде, назад дома, кабаница, чадор, уште еден чадор, одиме.

Да се пробиеш низ колите кои јурат на нашата улица е права умешност, па затоа, ајде во раце кај мама за полесно, посуви и побрзо да стасаме.

Се поздравуваме со договор за после градинка - дружба во игротека. Дете во градинка, успешна мисијата! Дождот престанува... супер! Што не сопре порано си велам...

Тргнувам на точак до Социјално... Успешно собраната документација за годишно ревидирање ќе се обидам по 6 пат да ја предадам на мојот социјален работник. Мојот социјален работник никогаш не ми спомена дека постои оваа процедура. Кога дознав од една Фејсбук група, побрзав да го прашам кои тоа документи ми се потребни, но не успеав да го најдам на работа, а ниту еден друг од вработените не беше расположен да ми ја даде потребната информација.

Првиот пат беше на терен, вториот пат отидов во ден кој не им е предвиден за прием на странки (од 5 работни дена, само 2 дена примаат странки), па ме вратија, третиот обид беше неуспешен затоа што тукушто почнале да реновираат во Општинскиот центар за социјални работи  (ќути, бар ќе се средат, си помислив и се излажав), па ме упатија да се вратам за десетина дена... Кога по десетина дена се обидов да ги поднесам потребните документи, мојот социјален работник беше излезен по детето... Бил да го земе од градинка и да и го однесе на жена му дома, оти таа со другите две, не можела по третово да отиде....(Си мислев: а кој да оди по моево дете? Оти, мене немало никогаш кој да ми го однесе, земе..., а овие ме држат тука толку долго што и јас нема да можам самата да си го земам.)

Пета среќа. Ми се погоди пред циклус, па по два часа буткање, дофрлување, потење, решив да се откажам и да си заминам на лекар и по другите обврски кои ме чекаа (барем ќе пешачам на воздух), затоа што не се дишеше внатре и психолошката состојба ми дојде дотаму што почнав да посакувам да ме снема.

Е сега, да се вратам на шестиов обид да дојдам до мојот социјален работник... Девет часот наутро, приемен ден, слика следна: сите вработени пред врата со филџаните кафе и цигарите во рацете. Кадар два: ходниците низ Центарот за социјални работи Карпош фул од народ, што се турка, бутка, наметнува свои правила. Влегува еден од вработените, дофрла неколку туторски извежбани реченици од типот: „Полека бреее! Каде се буткате? Не глеате дека никој нема? Ќе стасате сите на ред, ајде мирни! Си го зема топлиот чај и заминува на цигара, со коментар: „Цццц... се живо осет изгубило, да му ебам мајката!“

Јас стојам на излезот, зашто тоа е единственото празно ќоше и го фаќам погледот на една од вработените.. Колку и да сакам да не забележам, не можам, ме мерка од глава до петици и прави фаца, како да сака да се изблуе врз мене во истиот миг. Како заразна болест ми ја пренесува згаденоста, и мене ми се згадува од неа, од социјалното, од себеси... Од животот ми се згадува. Речиси несвесно го вадам мобилниот од џеб и фотографирам, штрааас - кадар еден, штрас - кадар два.

Не знам зошто, веројатно се исплашив и исто толку несвесно, почнав да се буткам навнатре меѓу луѓето кои чекаа, кои се препотуваа и сега уште повеќе можев да им ја насетам маката, горчината... Ми трпнеше јазикот од болката што ја осетив. Ме врати во реалност раката на еден од вработените, да поразговараме рече и ме одведе во една од празните канцеларии,ми понуди столче и речиси самиот тој ме седна на него, се смести карши мене и почна да ми набројува што се тој за мене направил: колку пати, гледајќи ме во ходникот, ме прашал за каде чекам, колку пати ми поткажал да не си губам време овде, дека нема дента да бидам примена; па, дека тој бил оној кому му текнало кој може да е мојот проблем лани, кога не ми стигнаа два месеци пари од социјалното, а не знаев и не можев да откријам зошто (а не примав пари затоа што никој не ми кажа дека требале да ми издадат социјално бројче кое треба да го однесам во банка, па тие да ме поврзат и на тој начин да ми се исплатува - нема каде овој податок да се најде!) И за ова бев етикетирана како неписмена - зошто не сум го знаела! Како јас да сум роден социјален случај, како да е најприродно нешто, што вродено треба а не го знам. И додека зборуваше, ме допре неколку пати по лицето а јас посакав да му ја одгризам раката на лице место... Влезе уште еден од вработените, па уште една госпоѓа, раководителката дојде и се закани со тужба за нарушување на приватност, или слично...

За од сево ова да ме извлече мојот социјален работник и конечно да ме прими во неговата себично чувана канцеларија, па тука почна да споделува со мене домашни проблеми: имал болно дете, па колку сум јас привилигирана од негова страна, кога еднаш сум дошла, ме примил преку ред... Ете ја и раководителката, пак се натопори до мене и кога виде дека колегата ја мазни ситуацијата со мене, а јас немо го ислушувам, и таа ја продолжи играта. А јас, прифатив да ги слушам и да се прашувам зошто за едена обична, проста работа треба да се доведуваме сите ние во ситуација да си го правиме ова? Зарем не си ја сакаат работата која ја учеле, ја работат, местото каде половина од својот ден го минуваат, сите тие луѓе кои доаѓаат и бараат, молат милостина, та како од џеб овие да треба да им ја дадат! Почнаа да летаат со документи околу мене, дури и ми го ископираа она што ми треба и дотолку повеќе ме вџаши фактот што имаат печатач, а враќаат, праќаат народ да талка, да бара каде да прави копии од документи, да губи време, да троши нозе, да се нервира, да стои пак, во проклето долгиот ред.

Сè се среди за неполн час. Сè се среди како никогаш, само затоа што имав фотографии - доказ. Така значи функционираме, ОК.

Мојата следна дестинација е разговор за работа на другиот крај од градот, па тргнав веднаш. Тргнав,стигнав и си заминав со уште поголема грутка во грлото од вообичаено. Овој пат сум преквалификувана за работното место. Имам полна папка документации од конкурси за вработување, очигледно неуспешни обиди. Нанижав уште еден .Кловн со дипломска сум била. Чистачка со магистерска. Аниматорка, анкетарка, помошничка, слаткарка, келнерка... Најголем проблем е немањето работно искуство во областа од најмалку 3 години, па потоа следи проблем со единствениот мој услов кој гласи да завршам до 16.30 часот.  Потоа, следат тони прашања за мојот приватен живот и зошто толку ми е важно токму тогаш да завршуваат сите мои работни обврски... Па, како самохрана, па никој ли никогаш не може да го земе твоето дете од градинка, па кој ти помага, па таткото каде е, плаќа ли алиментација и небарани а дадени, добронамерни совети од типот да го тужиш ако не ти плаќа. А мајка и татко имаш? Шо не ти помогнат тие?

Не барам вработување за да ангажирам цел фудбалски тим да ми помага со земање/носење дете во градинка, чување, хранење и слично. Не барам работа за да ви го исповедам приватниот живот! Барам една глупава шанса да ми даде оваа моја Македонија! Барам една единствена можност да ги покажам квалитетите кои ги поседувам. Барам можност да го реализирам интелектуалниот капацитет кој го поседувам. Шанса да покажам дека знам,умеам и можам!

Не ми се ни оди веќе по огласи за вработување, затоа што онаму каде сум нашла познаници, ме советуваат да им не верувам многу на огласиве. Ете конкретно нивниот е однапред исполнет. Во моето училиште каде завршив, сметајќи ме за блиска, ми се доверија: на истите наставници им даваме отказ на хартија, а тие продолжуваат со настава. Но, пуштаме оглас, и пак ги вработуваме истите. Налог од горе!

Заврна повторно. А толку сакав да возам и да давам сè од себе посилно да ги вртам зачкрипените педали, за да не го чувствувам сиот товар на раменава.

Штета... Решив да го врзам точакот и да одам со автобус. Тргнувам пеш кон блиската автобуска постојка и се обидувам да не и дадам за право на болката во нозете иако знам дека нема да се откаже ни сега. Ми се вклучува рациото и ми ја води раката во внатрешниот џеб каде го чувам моето мало богатство... Се пребројувам, да проверам дали имам доволно пари дента да се возам три пати во автобус... Три пати по триесет и пет денари... Уфф, невозможна ми е мисијава. Парите кои ги имам, ќе ги чувам за возењето до игротека со Бејби. Толку беше возбудена што не можам да ја разочарам и да не ја однесам. Одам пешки и размислувам... Доаѓа потопло време, се менува сезона, ќе требаат нови алиштенца... И ова лето ли нема да можам да ја однесам на море? Што уште можам да направам за да и овозможам достојно да си го проживее детството и да се гради и расне во здрава и нормална личност? Претходниот ден кога заспа, долго ја гледав и немо врескав во себе, а перницата ми пливаше во солзи... Само да не згрешам со тебе, дете мое. Само ти да си жива и здрава, а јас ќе правам се што можам и не можам за тебе и за мене. Колку и да се воздржував, солзи ми извираа и се мешаа со дождот, се свртев во моментот кога автобусот застануваше на станицата каде минував... Мислата дека ќе се разболам (јас немам право ни да бидам болна) ме втурна низ отворените врати и седнав на единственото слободно столче, со главата толку наведната што вратот си го напрегав. По нецели две станици: „Девојче картата покажи ја!“.

„О не!“

„Што ма не?“

„Па, немам карта“ - изустив...

Како ма, немаш карта? Не ти е срам, магарица толкаа, без карта да се возиш? Вади иљадарка!“

„Што?“ Не слушам убаво од солзи и дожд, сигурна сум... „Колку да вадам?“, прашав.

ИЉАДАРКА! Ајде кај шоферот!“

Кај шоферот велам: „Извинете, јас навистина не сум во можност да си купам карта, Ве молам да ми влезете во положение и да не ме казнувате....

А тој се згази од смеење. И контролорот исто. Ја пишува казната, а јас се потам и испарувам. Прошепнувам тивко: „Јас сум социјален случај, невработена магистерка...“ Не реагираат, го вадам и последниот ас од џебот. „Јас сум самохрана мајка, ве молам не можaм да си дозволам една картичка, а не па казна, простете ми!“

На возачот му се смени фацата - ме жалеше, почувствував. Контролорот ме погледна со презир... „Јас не ти го напраив детето за така лигаво да ме молиш! Не ти простуваме,ќе си платиш!“

Излегов со казната во рака и се чудев што понамука во животот.

Пропешачив до дома, а дождот реши повторно во стратешки час да престане.

Правам и јас стратешки оброк, достоен за принцеза: Супа што ќе може да се пие од чашка со дупчиња за да не мораме по пат да сркаме, истураме, преоблекуваме.. Зготвена кратко на најниска температура, за да ги задржи сите хранливи состојки, но да станат доволно меки за да ги испасирам. Од останатиот зеленчук правам смеса како пире, додавам варена жолчка да ги соединам и мелени семиња да ја упијат влагата. Ги потпекувам и  за тоа време пасирам банана и ги додавам од вечерта покиснатите овесни снегулки со какао, па валкам бомбици во кокос... Сето го пакувам во кутии за храна и сместувам во количка. Можам да тргнам по Бејби.

Тргнувам мокра па се враќам, се пресоблекувам, ја продувувам мократа коса кратко со фен, врзувам опавче и одам вооружена со патувачки оброци по Бејби.

Секогаш кога одам во градинка сум емотивна.

Секогаш кога моето дете ми притрчува во прегратки, се воздржувам да не заплачам.

Секој пат кога ќе и ги видам очињата полни живот, се распаметувам од љубов.

И сега е така. Воскликна од радост кога ме виде, се стрча и пред вратата клекна на колена и исползи до мене, па стана и ме гушна, трапаво и искрено.

Среќна жена сум јас штом можам да го доживеам ова, си мислам. И во вакви мигови знам, знам дека ништо друго не ми треба повеќе, за да продолжам да се борам, да се обидувам да правам се што можам за да обезбедам достоинствен живот за мене и за Бејби.

Додека учителката ми раскажува како им минал денот моето дете секогаш си ги вади јакната и чизмичките од шкафчето, па доаѓа да ми рече да дојдам да видам дека се подготвува сама... Сега не дојде да се пофали. Јас тргнав да видам зошто.

Ме дочека шок! Мојот бивш дечко ја држи во прегратки и се гушкаат. Учителката доаѓа по мене, и таа се вџашува. Се знаат учителките на мојата Бејби. Знаат дека никој друг освен мене не ја зема, го имаат иако не го бараа изводот од книгата на родени каде јасно стои дека единствен родител на моето дете сум јас, знаат за проблемите кои ги имам со бившиот партнер, знаат колку пати се обидува да се претстави како нејзин татко и да ја земе од градинка, знаат да му викнат полиција понекогаш, знаат дека и јас викам полиција често, како и овој пат, затоа што ми е преку глава од него веќе... А, и зошто моето девојче е големо и сè разбира, па не сакам да е сведок на сите немили сцени кои дотичниот ги прави.

zenica.mkСе јавувам во полициска станица, пријавувам грабнување на дете, давам адреса на градинката, нагласувам во кој клон од дури двете истоимени градинки и кажувам податоци на грабнувачот и мои... Затварам телефон и продолжувам да ја стишувам драмата која нескротливо расте... И ги облекува чизмичките наопаку, ја крева во раце и ми вели - никогаш веќе нема да ја видиш! Јас се обидувам да го застанам, глумам ладнокрвна, а ужас ми извира од секоја пора. Моето Бејби во рацете на човек кој не е при чиста свест. Се обидува да ја изнесе од градинка..., застанувам на скалите и правам пречка со рацете, раширувајќи ги на гелендерите... Низ заби фрска навреди и закани за мене, и се обидува со слободната рака да ме тргне од патот. Се држам цврсто решена дека по ниедна цена нема да дозволам да ја напушти градинката со моето девојче... Тука е само една дежурна учителка која ги чува преостанатите десетина дечиња која и не може поинаку да ми помогне, па се јавува во полициската станица да праша до каде се полицајците.. Издржи, ми вели зад неговиот грб, доаѓаат. Доаѓаат, ми одѕвонува во главава, доаѓаат...И, наеднаш студена рака на мојот врел врат, ми го спречува дишењето, ме бутка и паѓам по скалите, а пискотот на мојата принцеза ми го дроби срцето.. Трчам по нив во некоја бестелесна состојба и пред дворот на градинката на моја радост, гледам други родители со прашалници во очите, подготвени да ми помогнат. Без да ме прашаат што и како, го сопираат, еден од луѓето смирено му зборува дека не е убаво за детето, друг му вели дека и тој ја направил истата грешка со неговата бивша жена, па сега, кривично го тужи и мора да и плаќа тон пари. Бејби се граба кон мене и бара да ја заштитам. Опколен со луѓе, ѕверот попушта и ја ослободува мојата принцеза, а таа се стрчува кон мене и толку силно ме стиска што колку и да бев скршена, ме состави. На сите начини.

Културно се заблагодарив за помошта, немило ги ислушав што имаат да ме поучат, а си мислев само на тоа што ќе и кажам на Бејби, како да постапам, што е најдобро за неа сега?

Ја гушнав силно и реков дека слободно може да се исплаче ако чувствува потреба од тоа. Јас сакав да плачам, да врескам, но не можев да си го дозволам тој луксуз сега. Ме гушкаше Бејби сиот пат до дома, со главчето на моето рамо и неколку пати си помислив за кого ли е полековита долгава прегратака?... Веројатно за двете.

Свртев во полицијата повторно.. Ги нема луѓето.

Вели полицаецот, а бе госпоѓо, овие не можат да ве најдат.. Како да ме најдат после саат време? Не сум таму веќе, дома сме. Нова адреса давам, па за нецела минута ми врти непознат број, кратко се двоумам, кревам и слушам глас кој вика дека е полицаецот. Ако можам да му објаснам каде е улицата, каде треба да дојдат, пешки иделе, нови биле на реонов па не се снаоѓаат најдобро. По целиот муабет, си зедов за слобода да му кажам дека не ми е до заебанции, навистина лошо ми беше. Не, сериозно, дечково ми вели, сериозно ви кажувам... Досега бевме во две градинки, а вас ве нема, па сега, еве, помогнете ни каде да ве најдеме кажете. Кажав, објаснив и откако се разбравме ме замолија да излезам пред врата, на улица за да не ја промашат куќата. И дадов на Бејби да си ја пие супата, а таа се гушна со нејзиното домашно милениче. Излегов пред врата и ги здогледав. Сонцето заоѓа, а тие двајцата доаѓаат со истоштен чекор, доаѓаат, а нозете назад им се враќаат.

И дојдоа конечно. На Бејби и дозволив да копа во дворот, зашто знаев дека само тоа ќе и го задржи вниманието подолго од две минути, за јас да им раскажам на само на полицајците, а таа да не слуша. И не им се веруваше што им зборував... Многу пати пријавувано за истиот случај, истиот проблем, истото ништо секој пат го преземаат. Ме чека на кривината на мојата улица, ме демне, доколку ме видат негови познати, веднаш му јавуваат и тој се нацртува каде и да е, неколку пати физички се има пресметано со мене, дома насилно повеќе пати ми има доаѓано, а еден од многуте пати, ги има искршено и прозорците од едната соба... Или плаче, моли да се смириме, или ме навредува, колне и се заканува... Кога и да го видам, не по моја желба, се чувствувам лошо, ама многу лошо! Школски пример на виктимизација.

Дечкиве беа нови, па не ме знаеа мене и мојот познат случај. И затоа што беа нови, се уште беа неотрпнати и се грозеа од неажурноста со која нивните колеги не ги решаваат случаите... Се гледаше дека беа поисплашени и од мене и мојата Бејби заедно, и не се воздржаа да ми го постават прашањето дали имам брат за тој да ми помогне. Немав брат.... немам брат! Наеднаш, и мене ми се стори дека би ми било прекрасно да имав брат...

Ме пратија кај инспекторот во станица. Сама, пешки. Комби побараа, но им рекоа - на интервенција е комбито. Нема комби.

Среќа, се наредија коцките, па се снајдов некој од блиските да ми ја почува Бејби.

Трчајќи, стигнав во полициска станица, кај инспекторот.

Влегов, почнав да раскажувам не само за последната драма со дотичниот, ами и за сите изминати пати кои ги повикував и барав помош, заштита, а не ми ја дадоа. Ми треба помош, десетина пати сум го пријавила или јас, или некој од затекнатите и никогаш, никогаш ништо не направиле, тие полицајците. Па, зарем кога бев малечка и дознав што значи полицаец - да брани, да заштитува, да е на страна на правдата и вистината, погрешно посакав, кога ќе пораснам да сум таков човек, како полицаец... Реков, животот ми е загрозен и што ако незгодно се удрев и умрев, кога ме бутна по скалите? Полицаецот ми рече е ништо де, Бог да те прости, ако умреш. Искрено кажав дека ќе излезам на телевизија и јавно ќе проговорам за мојот проблем со бившиот партнер, затоа што тие како полициска станица, како државна институција за ред и безбедност ништо не преземаат и покрај сите мои пријави. Се налути господинот инспектор и ме обвини за закана, со многу висок тон... Не се заканувам, му велев, само не гледам друг излез, навистина веќе не знам каде да се обратам и каде да барам заштита. Отворено го прашав дали дотичниот има луѓе кои го држат или можеби некој, некаде, дава мито за да не го апсат? Уште толку се обиде да ме изрезили, посочувајќи ми дека не се разбирам од законите, дека за се си има протокол... Знаев во тој миг дека тоа е тоа. Филм. „Сичко си има процедура!“

Се извинив ако сум упатила неосновани сомненија до нивната институција и замолив тој да ме поучи што понатаму, зашто, нели ја знае процедурата. Ми понуди колачиња за да не сум зборела така за нив полицајците, да сум видела дека има и добри. Што да ти кажам вели, за такви како него, цепаница у глава и ќе се спасиш. Знам се за него, вели, катастрофа е! Те жалам, право да ти речам... И, ми рече! Го прашав како е возможно моето дете да израсне во здрава и нормална личност покрај вакви немили настани кои реално јас самата не можам да ги решам, па затоа барам помош од државата, а тие ништо не преземаат. Не знам, рече, оди си од земјава...

Процедурава ваква да ни била, хмммм.

Му се јавија на дотичниот и го поканија во станица. Прашав што ако не дојде? Ми кажаа има право да не се појави, а тогаш ќе му пратиме покана, но сепак може да не дојде и ние ништо не можеме тука.

Цепаница у глава. Цепаница девојче!

Побрзав кон дома, Бејби ме чекаше да ја водам на ветената авантура, а со овие ќе се справувам во слободно време, ќе си најдам правна помош -решив. Ако постои бесплатна.

Ја зедов Бејби и се упатив кон автобуската станица, не врнеше, но јас сум ол инклузив – мајка: чадори, облеки, храна, вода, чај, играчка некоја, тоа ни е само почеток.

Одам така, како подвижна куќа, и првото ЈСП изненадување ми се случува уште во моето маало. Ме одминува автобусот. Верувале или не, ме одминува автобусот. Да е уште повозбудливо, не ми е првпат да ме измине автобус... Едноставно, не му се исплати да застанува на станица за еден патник, за една автобуска картичка.

Се обидувам да се соберам и решително чекам следен.

Рационализирам, па решавам времето да го искористам за да ја прашам Бејби дали сака да разговараме за немилиот настан... Вели не сака, утре ќе сме зборувале. Прифаќам, тука сум за неа и кажувам секогаш. Да не се грижи, сè ќе се среди, ќе биде во ред... Дали ќе биде сè во ред? Се прашувам себеси, додека ја кревам тешката и оптимално натоверна количка во автобусот и целам точно на местото предвидено за луѓе со инвалидитет... Во нашите автобуси нема места означени за мајки со деца, со колички и слични превозни средства. Во овие мигови ми се чини како да си ја предизвикувам судбината. По ѓаволите, колку инвалидизирано се чувствивам! Па, тука ми е местото... сè си е наредено.

Стигнавме и во фамозната игротека на работилницата, игравме, се дружевме, запознавме нови другарчиња, а Бејби најде начин да шмугне настарна од дечињата и да ме тргне и мене. Сакаше да сме сами и ми шепкаше во уво. „Мамо каде ти е тортата? Ќе дуваме свеќички?“

Денес ми е роденден!

Впрочем, затоа и толку се договаравме за игротека, за да го прославиме мојот роденден!

Роооден, родендееен, на мама и е роодендеееен!

Ми испеа „Среќееен роденден Мамооо“. Неколку пати. А душава ми се топеше и се разлеваше по шарениот и мек под на игротеката. Ја вкусив љубовта што моето дете безусловно ми ја даваше и беше цврста, постојана, мазна и со вкус на марципан. Штом еднаш ја почувствуваш, знаеш дека тоа е животниот агенс кој колку и да се пресоздава, тука е, постои.

Речиси болно чувствував како ми растат крилја на плешките додека ме гледаше со очи полни љубов и очекувања, очи полни живот. Очекувања за нормален живот. Истите оние очекувања и желба за живеачка кои и самата ги имам. Истите оние очекувања кои секојдневно, по милион пати ми носат разочарувања.. Желбата за живот што општествениов систем секојдневно ми ја згаснува. Истите оние очекувања кои уште сто пати, по милион пати, ќе ми се родат повторно во погледот на моето дете!

На враќање, автобусот не застана на нашата станица, повторно. Се исправив и гласно му викнав „Господине зошто ја пропуштивте станицата? Зошто не застанавте?“

„Сакам да излезам со моето дете!

Сакам да излезам со моето дете!

Сакам да излезам со моето дете!“

 (Идентитетот на авторката е познат на ЦИВИЛ)

Print Friendly, PDF & Email