Кире Наумов: За оваа власт сите документи, па и Уставот, се тоалетна хартија!

По најавите на Владата на РМ за Уставни промени, редакцијата на Цивил Медиа разговараше со Кире Наумов. Во интервјуто со него зборувавме за буџетскиот дефицит, јавниот долг и потребата уставните промени да се регулираат. Воедно стана збор и за аферата Македонска Банка и обидот на власта да ја дефокусира јавноста од оваа афера. Во прилог можете да го погледнете целото интервју.

Како ја коментирате најавата на премиерот со Устав да ја регулира задолженоста на државата до 60% од БДП и буџетскиот дефицит да не биде поголем од 3%?

Јас би сакал да кажам дека најпрво мора да имаме предвид дека предлогот на Уставни промени, кој се прави сега во овој момент, можам да ги сфатам само како фрлање на магла, давање на јадица на која јавноста ќе се фати за да заборави некои други поголеми работи. Ако го приметивте, предлогот за Уставни промени беше напаравен блиску или денот кога јавниот обвинител кажа дека не постои дело или делото е застарено за Македонска банка, и премиерот веднаш потоа го снема илијадници километри негде надвор од државата. Во ред, ние денеска зборуваме за тоа наместо да зборуваме за оние горливи теми, но тоа е друга работа. Конкретно мислам дека промените внатре што се направени, бидејќи не е една, најголем дел од нив се магла или замајување. Мислам дека конкретно, но немаме доволно податоци за тоа, онаа која што е најпроблематична и најмалку објаснета е промената околу воведувањето на уставно воведување на слободни финансиски зони, и сѐ се крие околу неа. Самите промени беа објаснети на еден многу паушален начин, ние не знаеме што внатре се случува и нема да ги коментираме тие, освен оваа која е на некој начин јасна. Видете, ништо не значи оваа уставна промена. Таа не значи ништо за ваква власт како што е оваа. За оваа власт сите документи, па и Уставот, ќе биде тоалетна хартија. Не е тоалетна хартија само она што она го кажа за документот, оној договор со опозицијата, кога отворено кажа дека е тоалетна хартија. Иако се враќаме наназад за овој проблем, односно желбата тука да се стават во уставна рамка овие ограничувања, кои не се ништо друго туку препис на она што значи Мастришки договор кој треба да го почитуваат сите земји членики на ЕУ, и ние сѐ до пред доаѓањето на оваа власт во делот на буџетскиот дефицит тоа сме го почитувале. Прв кој го скршил ова правило, зборувам за дефицитот до 3% од БДП, е оваа власт и тоа точно во годината во која што во парламентот на еден познат начин, со полиција ги избркаа пратениците. Тогаш ние излеговме од мастришките критериуми! Само да се вратиме што значат за нив документите. Ова се официјални документи: Претпристапна економска програма, почнувајќи од 2011-2013 година. Ако ги гледаме нив, значи таа година, одиме за јавниот долг, документ кој што Владата го прифатила и го пратила до ЕУ, вели нивото на државниот долг во наредните три години да не надмине 30% од БДП, а нивото на вкупниот јавен долг да не надмине 40% од БДП. Во текот на таа 2011 година, дошле, најверојатно човекот од Велес кој ја претвара оваа хартија во тоалетна хартија, тоа го фрлаат и само една година после тоа Претпристапна економска програма 2012 вели максималниот државен долг во наредните три години да не надмине 30 до 35% од БДП, а јавниот долг тоа да не го направи 40-45%. Само една година пред тоа имате дека тоа не смее да се случи во наредните три години, а потоа имате зголемување од 30 до 35% од БДП. Внимавајте, прво ова е квалификација, не можете 30 до 35, ќе биде една бројка. И тоа не важи, и тоа станува тоалетна хартија! Па во 2013 година на почетокот, истата Влада, истиот министер, оди натаму и сега ги зголемува дека максималното ниво на државниот долг е до 35% од БДП, а максималниот јавен долг е до 45% од БДП. За да дојдеме до последната година, значи минатата година, кога веќе во документите за Претпристапна економска програма Владата не кажува кои се ограничувањата за понатаму, за јавниот долг. Сите овие документи кои што се правени во период до само една година, а треба да важат за наредните три, за нив се тоалетна хартија. Истото, се случува и со фиксирањето на тоа колку треба да биде буџетскиот дефицит. Во 2011 година на почетокот тие велат дека во наредните три години буџетскиот дефицит ќе биде -2.5% во 2011, -2.2% во 2012, -1.9% во 2013 година. Тоа не важи, тоа е тоалет хартија. Стигнуваме до ситуацијата која што се објавува во последната претпристапна програма, којашто ја коментиравме посебно во овој период, стигнуваме до фактичка состојба во која што се вели дека уште во 2012 година, прв пат тука се руши мастришкото правило, имаме буџетски дефицит од -3.9% . Го прогнозираат за 2013 на -3.9%, но само врз основа на она што го говоревме пред крајот на минатата година и почетокот на оваа, врз основа на „надуван“ БДП, а тоа постојано го прави министерот за финансии во она што се прогнози за идната година го зголемува БДП, и во 2013 година завршивме не со 3.9%, туку со 4.1% од БДП. И се предвидува натака дека во 2014 буџетскиот дефицит ќе изнесува -3,5%, во 2015 -3.2% итн.

Во интервјуто Кире Наумов вели „Кога ќе го „надувате“ БДП манипулативно цела година, имате можност да манипулирате со сѐ она што ќе се мери како релативен однос со БДП“ што според него се случувало минатата година и ќе се случува оваа година. Според него, покрај манипулацијата со превисокото позиционирање на БДП, најголемо манипулирање е со преставување на две различни дефиниции за тоа што преставува вкупниот јавен долг:  „Постојано Владата на Р.Македонија манипулира со тоа што е долг на централната влада. Го споредува со јавниот долг на сите останати држави и врз основа на тоа се вели дека Македонија има помала задолженост од останатите држави.“

Кире Наумов укажува на тоа како државата оди во финансиска пропаст: „Ќе бидеме една од ретките држави во светот која се ограбила самата себеси“. Посочува дека во овој период, иако Владата троши повеќе отколку што има приходи,  немаме подобри здравствени услуги, подобра социјална помош, подобра инфраструктура и подобро образование. „313 милиони евра во 2013 година (толкав бил буџетскиот дефицит), без да се подобри животот на народот, значи дека тие пари отишле негде во џебовите на луѓе блиски до власта или останати богати лица, што значи дека во овој период се зголемил јазот помеѓу богатите и сиромашните“ - објаснува Наумов.

Тој зборува за тоа дека предлог уставните измени служат да ја дефокусираат јавноста од аферата Македонска банка и евентуално одземање на препораката за преговори и затоа не треба премногу да се коментираат. „Не можете да кажете дека тоа е застарено дело. Во ред, некој можеби не ни бара Груевски да оди во затвор туку само да признае дека преговарал за овие средства, и можеби треба онака доброволно да го плати данокот“ - вели Кире Наумов за аферата. Нашиот гостин вели дека најавената промена во Уставот нема да биде пречка за геј паровите да продолжат да живеат заедно. „Ги има секакви, ги има и паметни и глупи, ги има и богати и сиромашни, ги има и опозиционери, а богами и многу вмроовци, и Уставот тоа не може да го реши, но јавноста не смее да се залепи на таа јадица, и да врз тој момент се протуркаат другите штетни Уставни промени.“

Џелал Хоџиќ

Print Friendly, PDF & Email