Медиуми или подбуцнувачи?

Непрофесионалното известување на дел од медиумите за трагичното убиство во населбата Ѓорче Петров, уште еднаш покажа како медиумите со својотa неoдговорност можат да ги зголемат тензиите. Направивме анализа на дел од известувањето за убиството на Ангел Петковски.

Интернет портaлот Република.мк на 19 мај, кратко по убиството на Ангел Петковски, во 18:57 часот објавува вест со наслов “Maтурантот го барал украдениот точак – го пречекале со секири“. Во веста може да се прочита: “Вознемирените и шокирани соседи и очевидци раскажуваат дека на младото момче, инаку матурант во скопско средно училиште,  му го украле велосипедот. Кога тој се обидел да си го врати, тројца напаѓачи го пресретнале со секири.“, а во продолжението на веста се вели: “Од МВР за ’Република’ го потврдуваат случајот. Станува збор за момче родено 1995 година, кое пред неполн час било претепано до смрт. Полицијата сѐ уште врши увид и не е утврдено дали навистина смртоносниот удар настанал од секира или пак со друг предмет, како нож или палка“.

Само неколку минути подоцна, во 19:15 часот, интернет порталот Прес24.мк објавува вест со наслов “Го убиле со секири, копачи и ножеви поради велосипед - детали за убиството на тинејџерот во Скопје“! А во текстот се вели: “Со секири, копачи и ножеви три лица чиј идентитет се уште не е познат убиле 18 годишно момче во скопско Ѓорче Петров. Убиството се случило кај турската очна клиника. Според првичните и неофицијални информации причината за убиството е банална. Непотврдените информации говорат дека на момчето му бил украден велосипедот. Кога тој отишол да си го бара, тројцата го нападнале удирајќи го со секири, копачи и ножеви. Од повредите момчето починало. Полицијата потврдува дека имало убиство во скопско Ѓорче Петров но не открива повеќе детали бидејќи се уште трае увидот. Неофицијално Press24 дознава дека едно лице веќе е приведено“.

Во 19:39 часот, телевизија Сител на својот сајт обајвува слична вест. Веста е насловена како “Тинејџерот од Ѓорче убиен поради велосипед“, но во веста се вели следното “Со секири, копачи и ножеви три лица чиј идентитет се уште не е познат убиле 18 годишно момче во скопско Ѓорче Петров. Убиството се случило кај турската очна клиника. Според првичните и неофицијални информации причината за убиството е банална. Непотврдените информации говорат дека на момчето му бил украден велосипедот. Кога тој отишол да си го бара, тројцата го нападнале удирајќи го со секири, копачи и ножеви. Од повредите момчето починало. Полицијата потврдува дека имало убиство во скопско Ѓорче Петров не не открива повеќе детали бидејќи се уште трае увидот. Неофицијално едно лице веќе е приведено.“

Непрофесионалното известување продолжува во критичниот период. Па така, во 19:55 часот, Прес24 објавува текст со наслов “Уапсен убиецот на матурантот од скопско Ѓорче Петров“, а во него се вели “Лице од албанска националност чиј идентитет полицијата се уште не го соопштува се сомничи за убиството пред очната клиника во скопско Ѓорче Петров. Според информациите до кои дојде Press24 од полициски извори, во убиството учествувало само 1 лице, што значи дека не е точна информацијата дека за убиството се одговорни три лица. Извори од истрагата за Press24 велат дека имаат цврсти докази кои вклучуваат и видео материјали од безбедносните камери. Убиениот А.П. (18) е од македонска националност и пред два дена ја пославил својата матура.“.

Во 20:47, на сајтот на Република се објавува вест со наслов “Полициски извори: Убиството е расчистено, приведен е Насер Е.“. Во текстот, Република се повикува на информации од МВР и се вели “Полициски извори за ’Република’ велат дека првично осомничениот Насер Е. е приведен во полициска станица и убиството е расчистено.“

Дека Ангел е убиен од едно лице, а не од три како што тврдеа медиумите, и дека убиецот со себе го немал велосипедот, ниту пак секири и копачи, можеме да заклучиме од вчерашното официјално соопштение на МВР, во кое, меѓу другото, се вели:
Според досега документираните сознанија, на кривично-правниот настан претходел обид за кражба на велосипед, што ја извршил пријавениот во дворот на оштетениот нешто по 17,00 часот, но истиот бил забележан од страна на жртвата и неговиот татко. Откако не успеал во извршувањето на кривичното дело, осомничениот се дал во бегство, а сега починатиот Ангел и неговиот татко со патничко моторно возило „Пежо“, тргнале по него. Кога стигнале на ул. „Ѓорче Петров“, поточно на паркинг просторот пред Европска очна болница, го паркирале возилото и се упатиле кон пешачката патека, покрај течението на Вардар. Пред пешачкиот мост, кој  води до с. Сарај, го забележале осомничениот, по што започнала вербална расправија, која прераснала во тепачка, при што осомничениот со остар предмет, најверојатно нож, го прободел Ангел во пределот на десниот граден кош. Осомничениот се дал во бегство, а таткото го однел синот кон очната болница со цел да му се пружи помош. Вработените во болницата повикале екипа на итната медицинска помош, но Ангел им подлегнал на повредите, а од страна на лекар е констатирана смртта. Додека, пак, министерката Јанкуловска, во изјава за медиумите вели “Очевидецот кој го пријавува настанот пријавува присуство на три лица, што всушност се поклопува со фактичката состојба. Трите лица се жртвата, таткото и осомничениот за убиството. И тоа практично се гледа и од одредени снимки на видео надзорот“. За оружјето со кое е извршено убиството, министреката додава: “Како што може да се забележи, се работи за голема тревна површина, меѓутоа очекуваме предметот со кој е извршено убиството да биде пронајден на локацијата на која сметаме дека се наоѓа.“

Сензационализмот при известување за убиства и семејни трагедии стана практика во Македонија. Во трката за гледаност, медиумите не внимаваат на сензитивните моменти, како што се пресумпцијата на невиност, етничката припадност и поттикнувањето на наслиство. Во конкретниот случај, веста беше дека е убиено 19 годишно момче. Тука требаше да се заврши со известување се додека не се појават официјалните информации од релевантните институции. Наместо тоа, ние видовме неточни информации, името на осомничениот и неговата етничка припадност, без воопшто да бидат свесни што тоа може да предизвика – објаснува за Цивил Мери Јорадносвка, новинарака.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека велосипедот најверојатно не го напуштил дворот. Осомничениот за убиство Н.Е. се обидел да го украде попладнето околу 17 часот, но во истиот момент пристигнале Ангел и неговиот татко, по што Н.Е. се откажал од својот обид и се вдал во бегство, информираа вчера од МВР, објавува денеска Плусинфо.

Коментар за објавувањето на идентитетот на осомничениот од страна на МВР побаравме од Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет, која во изјава за Цивил вели: Според Член 13 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Членот 18 пак ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет, што произлегува од регистрирањето информации за нив, преку обработка на податоците. Според Член 2 од Законот за заштита на личните податоци, „личен податок“ е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува - чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, економски или социјален идентитет. Член 10, став 1 од Законот за полиција, утврдува дека полицијата ја известува јавноста за прашањата од нејзина надлежност, додека во ставот 4 е наведено дека нема да се даваат лични податоци со кои располага Министерството. Во членот 299 од новиот Закон за кривичната постапка е утврдено дека за да се заштити личниот и семејниот живот на осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое присуствува на истражното дејствие, да чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од одавањето на тајната. Пировска додава дека Хелсиншкиот комитет во изминатите години на неколку наврати реагираше на востановената пракса на МВР да не ги почитува споменатите одредби од важечките закони. Но и покрај тоа, пресумпцијата на невиност и заштитата на личните податоци сè уште се права кои наместо МВР да ги обезбедува и заштитува, токму таа е институцијата која овие уставни права ги прекршува.

Џелал Хоџиќ
Фотографија: Томислав Георгиев

Print Friendly, PDF & Email