ОРУЖЕНОТО НАСИЛСТВО МОРА ДА ГО ПРОТЕРАМЕ ОД НАШИТЕ ЖИВОТИ

Трагедијата во Тетово во која едно 22-годишно момче го загуби животот, а десет се ранети или повредени и другите инциденти, за само една ноќ, ги потврдува прогнозите на ЦИВИЛ за ерупција на оруженото насилство и општиот криминал во земјата. Според ЦИВИЛ, овие трагични настани се последица од долгогодишното занемарување на обврската да се спроведат доследни и одржливи мерки за контрола на оружјето.

Порастот на употреба на оружјето е последица од култот кон оружјето особено меѓу младите, а за тоа се одговорни токму владините политики и практики. Со години наназад се негува култот кон насилството преку образованието и културата, а општата клима во општеството ги поттикнуваат мотивите за насилно решавање на проблемите меѓу луѓето. Нервозата и тензиите на сите нивоа и во сите сфери на секојдневието создаваат амбиент во кој поседувањето и фаталната употреба на оружјето се сфаќаат како нормален, па дури и единствен начин да се надминат разликите и конфликтите.

Нефункционалните институции, партизираното судство и полиција, разореното ткиво на општеството и коруптивното владеење создаваат амбиент во кој младите стануваат први жртви. Тие не добиваат шанса да се развиваат во согласност со нивните потреби и лесно им подлегнуваат на девијантните и криминалните тенденции во општеството.

ЦИВИЛ со години упатува на потребата од сериозни акции во сферата на контролата на оружјето, почнувајќи од собирање на нелегалното и строга контрола врз лиценцираното оружје и едукација за надминување на култот кон оружјето. Тоа не може да се постигне без јакнење на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото, што во овие услови изгледа практично невозможно. Малубројните активности на институциите во оваа насока останаа само козметички обиди да се затскрие тажната реалност во која живеат младите и општеството во целост.

Додека владата се занимава со градење споменици и промоција на здравата исхрана, нам ни преостанува само уште да апелираме до граѓанките и граѓаните да дадат свој придонес кон надминување на култот кон оружјето, со тоа што ќе го негуваат дијалогот и ненасилството, а оружјето ќе го протераат од своите животи. Тоа мора да биде така, бидејќи во услови кога институциите не функционираат, граѓанките и граѓаните треба да се потпрат врз сопствените ресурси. Граѓанските организации мора да се стават на располагање и да ги понудат своите ресурси за да се изнајдат решенија и мерки за залечување на општеството од овие крвави навики.

ЦИВИЛ упатува изрази на сочувство до сите семејства на жртвите од оруженото насилство.

Print Friendly, PDF & Email