Откриени нови фантомски гласачи и влезови во Кисела Вода

Наместо два, колку што има зградата, се појавуваат три влезови, а наместо тројца гласачи, колку што живеат во еден стан, пријавени се седум.

Ваква е ситуацијата на терен во Кисела Вода, на улиците Пушкинова и Михаил Чаков. Од она што екипата на Цивил го провери на лице место, може да се види дека на улицата Михаил Чаков број 3 има само два влеза, а не три, како што стои во избирачкиот список.

Тоа го потврдија и станарите кои живеат во зградата. Кога екипата на Цивил тропна на врата на еден стан во вториот влез, отворија двајца млади луѓе. Ги прашавме колку влезови има зградата.
„Два влеза, толку се...“, одговорија тие.
„Но, во избирачкиот список запишани се три влезови“, им рековме.
„Не знаеме зошто, а тука живееме цел живот. Нашата зграда има два влеза“, рекоа станарите.

Слична е ситуацијата и на Пушкинова број 2. Имено, во еден од становите како гласачи се запишани членови на едно семејство, чиј идентитет е познат за набљудувачите на Цивил. Но, освен ова семејство, на избирачкиот список во истиот стан како гласачи се запишани и членови од извесно семејство Панчевски.

Не знаеме како ова семејство се најде дека живее во нашиот стан. Пријавивме секаде, но ништо не се случи“, изјави станарот од Пушкинова, на чија адреса се запишани уште четворица гласачи.

Слична е ситуацијата и со уште еден стан од истата зграда. Таму живее четиричлено семејство, а во избирачкиот список се седуммина. Додадено е извесно семејство Петрушевски.

Не знаеме кои се тие луѓе. Дојде еднаш и полиција, проверуваше, им кажавме дека во станот не живеат тие лица“, изјави станарот од улицата Пушкинова.

Оваа зграда исто така има два влеза. Барем така е на терен. Но ситуацијата е поинаква во избирачкиот список – таму стои дека зградата Пушкинова број 2 има 3 влеза. Во третиот, непостоечки влез, во избирачкиот список запишани се трисетина гласачи. Дел од нив се со странски имиња и презимиња - тврди нашиот извор.

Мери Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian