Партиите ги забораваат граѓаните по изборите

Различни се приказните на кои наидуваат набљудувачите на Цивил во извршувањето на нивната работа. А тие не секогаш се докази во врска со нерегуларности, неправилности, притисоци... Често пати се повеќе од статистика, всушност се животни приказни, кои се поврзани со изборите ипартиите, со оние кои често пати грубо им ја кројат судбината на луѓето, семејствата.

kumanovo

Во продолжение една таква приказна:

Во пресрет на вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори, тимот на Цивил го посети градот и околината на Куманово.

Посетивме едно мало село кое беше заборавено од секого. Куќите беа стари, скоро распаднати. Одлучивме да посетиме едно семејство. Тропнавме на една врата и таму се запознавме со едно четиричлено семејство. Педесет годишен маж ни ја отвори вратата и со топла насмевка не поздрави. Сепак, набргу, кога почнавме да разговараме во врска за изборите, неговиот лик се промени. Тој беше полн со гнев. Почна да ни раскажува за неговото искуство како член на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ). Тој бил член на оваа партија 20 години, но за овие избори ја искинал партиската книшка.

"Во време кога имаше војна во Србија од тука одев и помогав на населението за храна, им носев облека, организирав луѓе да одат во Врање да дадат крв, постојано агитирав и работев многу за партијата и на крај ме одбија кога им побарав да ми помогнат”, ни раскажа со гнев.

Партијата, исто така, му ветила дека ќе ја вработат неговата сопруга, но никогаш не ја повикале. Тој е вработен во фабрика за цевки, но не добил плата од октомври и неговата банкарска сметка е блокирана. Тој има две деца кои одат на училиште и едвај постигнува дa ги финансира.

На овие избори, друга партија му тропнала на неговата врата, но тој не сакал ни да слушне за она што тие сакале да кажат.

“Активистите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дојдоа, и донесоа промотивни материјали - тие ги запалив. Ми дадоа и пенкало и запалка, кои ги фрлив. Исто така ми ветија дека ќе сторат се што треба, но јас не верувам во ниту една партија". Од досегашното искуство, вели, знае дека партиите се ангажираат само пред избори, но ги забораваат ветувањата што ги дале за време на кампањите.

 Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish