Правев сценарио за сопствениот погреб...

Еден ден, тој само ми рече - јас и ти повеќе не можеме да бидеме заедно. Оди си!  Заминав со бебето. Уште долго потоа траеше психичкото измачување, не само кон мене, туку и кон моите најблиски. Кога ќе останев сама, плачев. Но, малите сини очиња и благата бебешка насмевка ми влеваа сила и храброст  да издржам. Иако плачев. Плачев од тага, па плачев од среќа. Тоа може само мајка да го издржи.

muaZsOmПочнав да барам работа. Кога ќе кажев дека сум разведена, потенцијалните работодавачи, мажи, ме гледаа како крволочно животно - својот плен. Правеа да се чувствувам безвредно. И да го мразам сиот машки род. Речиси сите кај кои тропнав на врата за работа, гледаа како да ме одвлечкаат во кревет.

На моменти ми доаѓаше да скокнам од мост. Или да се обесам. Дури си правев сценарио за сопствениот погреб. Плачев, се задушував во солзи, паѓав во депресија...

Но, сините очиња секогаш ми порачуваа: „Мамо ти си најхрабрата мајка на светов, ти си мојот ангел чувар, немој да ме оставиш сам на овој свет. Ако ти не си покрај мене, јас ќе бидам несреќен цел живот, затоа што нема да знам што е мајчина љубов и грижа. Ти најубаво ме гушкаш, само во твојата прегратка сум смирен и спокоен, никој ќе нема да може да го заземе твоето место“.

Денес, неколку години по разводот, јас сум стабилна психички и физички. И ќе направам сé за и финансиски да застанам цврсто на нозе. Затоа што очињата веќе имаат желби и потреби, а ја имаат и најтоплата  и најсилната прегратка, имаат и уста што најубаво и најслатко изговара: „Мамо, јас те сакам најмногу, до сонце, до небо, до ѕвезди и до месечина!“.

Е, тоа е смислата на мојот живот, тоа ми дава сила да се борам и изборам со предизвиците и пречките што секојдневно ми излегуваат на патот. Се борам и ќе се борам за подобар статус. И мој, и на останатите самохрани мајки. Ако сум самохрана мајка, не сум шугава или заразена!

Моето дете е исто како и сите други дечиња на овој свет. И има мајка која ќе направи сé за него.

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки. 

Print Friendly, PDF & Email