Предизборен популистички потег на власта

ЦИВИЛ - Центар за слобода со големо задоволство ја прими веста за престанување на важноста на „законот за хонорарци“, затоа што беше меѓу првите граѓански организации кои јавно го осудиле и не го прифатиле контроверзниот закон.

ЦИВИЛ – Центар за слобода директно учествуваше во организирање на протестите и мирните демонстрации, заедно со други невладини организации и независни синдикати, кои се одржаа во Скопје на 22 декември, 13 февруари и 24 април. Со останатите граѓански здруженија, ЦИВИЛ – Центар за слобода се вклучи и во собирањето на над шест илјади потписи, поднесени како групна претставка до Уставниот суд.

Во тој контекст, по предизборното ретерирање на Владата, претседателот на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Џабир Дерала побара од надлежните да им се вратат парите на граѓан(к)ите кои плаќале придонеси во изминатите месеци, откако е донесен неуставниот Закон.

Уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ, пак, изјави дека се работи за панична постапка на власта, која со проѕирен, популистички потег сака да освои политички поени. „Со овој потег Владата признава дека му предложи на строго котролираното Собрание да изгласа неспроведлив закон. Овој потег на власта не е последица на нивната отвореност и широкоградост, туку се работи за ефтина манипулација,  демек, самите го повлекуваат законот, а всушност, го избегнуваат неминовното поништување од Уставниот суд. Секако, врз повлекување на спорниот  закон влијаеше притисокот на цивилниот сектор“.

Владата реши од први август да престане важењето на законот со кој хонорарците мораа да плаќаат придонеси за здравствено и за пензиско осигурување, а таа одлука експресно, по скратена постапка, се најде и на дневен ред во Собранието.

„Тоа е решението што ќе важи од 1 август и сите уплати што ќе бидат направени по 1 август, значи, немаат обврска да пресметуваат и уплаќаат придонеси за авторските договори. И натаму останува обврската за персонален данок“, изјави министерот за финансии Зоран Ставревски.

Активистката Кате Христовска од ЦИВИЛ - Центар за слобода рече дека законот што беше донесен преку ноќ, беше и неколкупати менуван, исто така, преку ноќ, но дека воопшто не ни почна да функционира. „Ние хонорарците не добивме ништо, поточно, бевме дискриминирани од самиот почеток. Протестиравме, поднесувавме барања од јавен карактер директно до министерството, за кои добивме задоцнети и нејасни одговори, поднесовме и над 6.000 претставки до Уставниот суд, од каде, до ден-денес не добивме одговор. Замислениот систем за плаќање и евидентирање на нововработени лица, никогаш не профункционира. Од самиот старт на законот беше само едно јасно - директен државен рекет од 35% од нашиот џеб. Многумина ги изгубија своите работни места, останаа со празни џебови, плаќајќи за нешто што не постои, не можеа да го искористат здравственото осигурување кое си го платија и уште еднаш, дискриминирачки не спаѓаа во ниту една категорија во системот. По укинувањето на противуставниот закон, сега некој треба да  поднесе одговорност за претрпениот стрес, страв, изгубеното време, агонијата од трчањето по шалтери..., сè со цел рекетарите кои се на власт да си го пополнат буџетот. Треба да се обештетат сите оние кои платија и не ги остварија своите права и тоа со камата“, вели активистката за човекови права, Кате Христовска.

Но, правничката Нада Наумовска, вели дека нема да им се вратат парите на тие што досега плаќале придонеси, ниту ќе следуваат законски санкции за тие што не плаќале, односно што го бојкотираа Законот. Од една страна е добро тоа што од 1 август хонорарците нема да мора да плаќаат придонеси, но од друга страна, тие се револтирани затоа што изминативе месеци плаќале, а за возврат не добиле ништо.

„Иритира изјавата на министерот Ставрески дека Закон за хонорарци бил донесен за да се подобри работниот и социјалниот статус на граѓаните, а сега вели дека ја постигнале посакуваната цел со донесување на законот и затоа го прекинуваат да важи. Работничките и социјалните права не треба да бидат од временски карактер“, вели Наумовска. Таа додава дека проблемот со контроверзниот закон ќе се решеше доколку Уставниот суд го поништеше!.

„Во тој случај, државата ќе мораше да им ги врати парите на сите граѓани што платија придонеси. Вака, одлуката на Владата да се прекине важењето овој закон од 1 август, значи и дека Уставниот суд автоматски прекинува да го води нашиот случај, во кој поднесовме над шест ијлади барања да се поништи законот“, вели Наумовска.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email