ЦИВИЛ открива случај на гласање со лажни документи

ЦИВИЛ-Центар за слобода, открива гласање со лажни документи на претседателските и на парламентарните избори, 2014 година, во Битола. Според изјавата на М.К. за ЦИВИЛ Медиа, тој на денот на гласањето во првиот круг бил член на еден Избирачки одбор, кога се појавило лицето А.В..

Проблемот со документацијата на гласачот не било тешко да се забележи, затоа што точно на таа адреса живеел токму членот на Избирачкиот одбор. Според неговата изјава, веднаш ја посочил неправилноста на полицаецот кој во тој момент бил одговорен за избирачкото место, чиј одговор бил дека не може да ѝ се одземе правото на А.В. да гласа, а откако таа ќе гласа, тој може да го пријави случајот во СВР-Битола. М.К. поднел приговор до Општинската изборна комисија, а следниот ден го пријавил случајот и кај надлежните органи во СВР.

На вториот круг од претседателските избори кои се одржаа заедно со парламентарните избори во 2014 година, лицето А.В. повторно, со лажните документи се појавило на истото Избирачко место да гласа, што покажало дека неговата пријава не била процесуирана ниту од страна на Државната изборна комисија, ниту од СВР-Битола.

По завршувањето на изборите М.К. поднел тужба и побарал да ѝ се одземат документите според кои во неговата куќа живее личноста за која тој не знае. “Се плашев дека може да побара и дел од мојата куќа, кога веќе се води на таа адреса”, вели нашиот извор М.К.. За одговор од СВР, според информациите кои ги добивме од него чекал повеќе од една година.

Полицијата неколку пати била во неговиот дом да провери дали лицето А.В. живее на таа адреса. Пред околу половина година, конечно добил известување дека на лицето А.В. му се одземени лажните документи. Тоа лице сега се води на друга адреса во Битола. Се поставува прашањето, дали лицето А.В. кое гласало со лажни документи, истиот ден гласало и со личната карта од друга адреса?

Ова не бил единствен ваков случај на гласање со лажни документи од таа улица. Според М.К., друго лице кое, според лична карта, се водело на истата улица, било непознато за него, иако тој живее таму повеќе од 30 години.

Редакцијата ЦИВИЛ Медиа се обрати до раководителката на Управната служба, како одговорен орган за издавање на лични карти во СВР-Битола. Ја прашавме дали по одземањето на лажните лични документи на А.В., се предвидени  и правни последици за сите кои се одговорни, односно, за лицето кое гласа со лажни документи, за тие кои ги издаваат, како и на тие што дозволиле два пати А.В. да гласа со тие документи. Одговор не добивме.

Ова секако е случај за кој би требало да се заинтересира МВР, но и Специјалното јавно обвинителство.

ЦИВИЛ продолжува да истражува за правната разврска на овој случај, како и за откривање на други изборни нерегуларности.

ЦИВИЛ Медиа

Print Friendly, PDF & Email