ЦИВИЛ ВО ПОДДРШКА НА СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ

Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права во Париз, на 10 декември 1948 година. Декларацијата произлезе од мрачното искуство во Втората светска војна и потребата за заштита на основните права на човекот. Првиот член на Декларацијата „сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“ ги гарантира правата и слободите на секој човек на оваа планета. Со самото раѓање, секој се стекнува со сите права опишани во Декларацијата.

ЦИВИЛ – Центар за слобода секоја година го одбележува Денот на човековите права со настани на кои недвосмислено ја опишуваат состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија и во светот и повикува на акција и вклучување на сите граѓанки и граѓани во одбрана на човековите права и слободи во духот на солидарноста и почитувањето.

Ние во ЦИВИЛ оваа година донесовме решение да го обележиме Меѓународниот ден на човековите права на тој начин што ќе изразиме јасна, недвосмисленa и силна поддршка на Студентскиот Пленум и утрешниот Студентски марш. Раководството на Цивил ќе им се придружи на студентите и ги повикува сите свои членови, соработници, пријатели и поддржувачи, сите граѓанки и граѓани да ја искажат својата солидарност во борбата за слобода, еднаквост и правда со тоа што ќе ги поддржат студентите на Македонија.

Дискриминација по политичка припадност, етничка и верска припадност, род, социјален статус и сексуална ориентација се состојби со кои секојдневно се соочуваме. Тие се дел од политиките и практиките на државните и локалните институции на власта. Слободата на говорот и медиумите се блиску до непостоечки, имајќи ги предвид различните форми на државна цензура или автоцензура од страна на новинарите со години наназад.

Извештаите за кршење на човековите права се натрупуваат. Граѓаните на Република Македонија се соочуваат со дискриминација и кршење на основните права и слободи практично насекаде - на работа, на улица и дома. Политиките на вработување, судството и полицијата, образованието, здравството и дистрибуцијата на социјалната помош се само почеток на долгата листа од сфери каде човековите права и слободи се грубо прегазени.

Припадноста кон политичка партија го определува поголемиот дел од животот на луѓето, а етничкото или верското потекло само се надоврзуваат кон оваа ситуација.

Јазот меѓу сиромашните и богатите се продлабочува, а механизмите да се сопре сиромаштијата се заменети со механизми кои овозможуваат богатите да станат уште побогати.

Стравот е широко распространет. Луѓето не се осмелуваат да проговорат, се плашат од губење на работното место или дека нема да добијат работа, под закана се дека ќе ги загубат правата на социјални или јавни услуги, а се заплашувани и на многу други начини, вклучувајќи ја и заканата од затвор. Во меѓувреме, владата продолжува со градење на спомениците на поделбите и барокните згради и со склучување бизниси со инвеститори, потполно нетранспарентно и контроверзно.

Патот кон остварување на подобра иднина, каде секој граѓанин ќе може да живее без страв дека ќе му бидат одземени основните човекови права, е долг и макотрпен. Сепак, постои надеж, а тоа ни го покажаа студентите! Затоа, ги поддржуваме и им се придружуваме.

Print Friendly, PDF & Email