Злоупотреба на децата за создавање меѓурелигиски раскол

Прилогот објавен на битолската телевизија Орбис, посветен на настанот “Децата за доброто и светлината - Денот на Ангелчињата”, кој беше организиран на православниот празник Св. Архангел Михаил, предизвика револт на социјалните мрежи. Вклучувањето на религијата во наставната програма за деца на возраст од 10 до 14 години, и покрај фактот што Македонија е секуларна држава, јасно зборува за поделбите на верска основа кои се прават и меѓу учениците, за жал, во рамки на образовните институции.

Според организаторите, се работело за настан чија цел е промовирање на доброто, љубовта, светлината, но самите деца пред ТВ камерите изјавуваа дека научиле оти треба да ги прославуваат „само нашите, православни празници“.

Вклучувањето на ученици во воннаставни програми кои ја промовираат и фаворизираат само православната религија, и таквото мешање на црквата во образовниот систем, наиде на осуда и кај дел од наставниците од основните училишта во Битола, кои се децидни дека децата се изманипулирани и се вклучуваат во активности без согласност од нивните родители.

Дел од нивните колеги, пак, сметаат дека иако овие проекти можат на позитивен начин да ги потенцираат различностите меѓу луѓето, и да помогнат во прифаќањето на разликите во културата, традициите, и ставовите за тие прашања, сепак, недозволиво е ваквото натрапништво на Црквата во наставата.

“Нема ништо лошо во промовирање на добрина, љубов и почитување, но кога како средство се користат децата, нешто не е во ред! Според мое мислење, мешањето на црквата во училиштата не носи добри ветрови во образованието“, ни изјави еден одделенски наставник од Битола, кој сакаше да остане анонимен.

Организатори на настанот “Децата за доброто и светлината – Денот на Ангелчињата”, се дел од наставниците по предметот Eтика во религија.

Според изјавата на наставникот Драги Анастасовски, еден од организаторите, настанот е дел од годишната програма за воннаставни активности кои се вклучени во портфолиото, доставено до стручните лица, педагози и психолози, одговорни за одобрување на наставната програма.

Анастасовски ни изјави дека повод за организирање на настанот било прославувањето на празникот Halloween (Ноќта на вештерките, 31 октомври), кога, како што тој тврди, се случиле неколку непријатни ситуации, дури и крварење од нос кај дел од учениците кои го одбележувале овој ден, популарен во САД, Канада, Ирска и Британија.

Анастасовски ни потенцираше и дека на настанот што се одржа на православниот празник Св. Архангел Михаил, учествувале и неколку деца со исламска вероисповед, кои имале право да напишат пораки од својата религија (на албански јазик), затоа што, наводно, прославувањето на Денот на ангелите бил заеднички за сите религии.

Завод и Музеј од Битола е уште една институција одговорна за реализација на овој настан, наводно, како дел од нивните активности „за промовирање на мултикултурното наследство“.

Одговорите на децата за славењето „на нашите, а не на некои странски празници“, сепак, ја проблематизираат наводната промоција на мултиконфесионалноста и на мултикултурализмот на контроверзен настан, организиран со училишни деца, по повод православен празник.

Според наставникот Анастасовски, во рамки на предметот Етика во религија, покрај конкретниот настан, учениците имале можност да ги посетат верските објекти од сите религии во Македонија, но, за време на ваквите посети, учениците од исламска муслиманска вероисповед, наводно, не покажувале почит кон верските објекти од другите религии, што не било случај со учениците од православна вероисповед. Според Анастасовски, „треба да се биде внимателен кога се пишува на овие теми кои се деликатни, за да не се добие погрешна претстава и да не се испрати негативна порака за самиот настан“.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email