ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Први Мај на сите работнички и работници на Република Македонија и во светот и ги повикува на солидарност и борба за работничките права. Без работнички права, нема човекови права и слободи.
Многу нешта се променети во Република Македонија од претходниот Први Мај (2015 г.) до денеска.
Политичкиот пејзаж во земјата е исполнет со трупови од мртвите митови и култови и се водат истраги за тешки криминални дела и за злоупотребите на властодршците. Граѓанките и граѓаните излегоа на улиците и сè уште се таму – бараат правда, слобода, демократија, почитување на човековите права.
Тоа што не можеше да се замисли пред две години, стана секојдневие.
Не се променети најмалку три нешта: сиромаштијата, газењето на работничките права и срамната улога на синдикатите во земјата.
Социјалната положба на работниците и нивните работнички и социјални права се на најниско можно ниво во последниве 15 години.
Секојдневно, македонските граѓанки и граѓани се соочуваат со еден единствен предизвик – да преживеат.
Голем дел од работодавачите во земјава на работниците им исплаќаат мизерни надоместоци за тешкиот труд, а притоа не обезбедуваат ни минимални услови за работа и ги третираат под нивото на човечкото достоинството.
Државата, поточно власта, се појавува како најголем работодавач во земјава, но ни оддалеку не ги почитува работничките права. Власта го користи вработувањето како алатка со која спроведува политичка корупција и спроведува систематски политички притисок и дискриминација врз останатиот дел од населението.
Самите вработени во администрацијата се цел на политички притисоци, уцени и закани, со цел да се принудат да бидат послушници на партијата, без оглед на тоа дали тие добро ја вршат својата работа или не. И нивните работнички права се грубо прегазени.
ЦИВИЛ со години интензивно работи на темите поврзани со работничките права и социјалната правда и располага со низа податоци и сведоштва за лошата состојба во овие сфери.
Состојбата на човековите права и слободи, социјалните права, степенот на сиромаштија, нефункционалноста на синдикатите кои треба да ги штитат работничките права, манипулациите со статистичките податоци, иселувањето, сиромаштијата, несигурноста, условите за работа, заштитата при работното место, здравството, образованието и можностите за доквалификација или преквалификација – се само еден дел од сите неволји со кои се соочува работниот човек во Македонија.
Оваа вест е достапна и на: Albanian