33 кривични пријави за учесниците во Шарената револуција поднесoa денеска СВР Битола и СВР Скопје. 26 кривични пријави се однесуваат на граѓански активисти кои биле дел од протестите во Битола, а останатите 7 се дел од Шарената револуција во Скопје.
“СВР Битола до ОЈО Битола на 03.06.2016 година поднесе кривична пријава против 26 пријавени лица сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени четири кривични дела 'оштетување туѓи предмети', предвидено и казниво по чл. 243 ст.2 од КЗ на РМ. Имено, пријавените во периодот од 17.04.2016 год. до 27.04.2016 година во четири наврати сториле кривично дело 'Оштетување туѓи предмети' врз објект - зграда на Општина Битола…”, стои во соопштението објавено денеска.
На кривичните пријави, им претходеа информативни разговори, на кои биле повикани 16 учесници на протестите, а деветмина граѓани не биле обезбедени за службен разговор.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, изминатите денови известуваше за “информативните” разговори на кои беа повикани дел од граѓанските активисти од Битола.
Во соопштението на СВР Скопје се вели: “СВР Скопје - Единица за насилен криминал, до надлежното ОЈО Скопје поднесе две кривични пријави против седум лица, и тоа П.Б. поради постоење основи на сомнение за извршени две кривични дела 'учество во толпа што ќе изврши кривично дело' во деновите 18.04.2016 и 30.05.2016 година, додека лицата М.З., И.М., С.С.К., А.Г. и Н.П. сите од Скопје и А.К. од Охрид, поради постоење основи на сомнение за извршено едно кривично дело 'учество во толпа што ќе изврши кривично дело', предвидено и казниво по чл.385 од КЗ.
Како што стои во објавеното соопштение „oд страна на Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кои биле ангажирани на обезбедување на протестот пред зградата на Министерството за култура, доставен е снимен видео материјал од одржаниот протест. Врз основа на извршениот увид во снимениот видео материјал, идентификуван е првопријавениот како учесник во толпата на одржаниот протестен собир”.
Претходно, на информативни разговори беа повикани дел од граѓанските активисти и од Скопје. Што се однесува на снимките кои се споменуваат како доказ во објавените соопштенија адвокатот Звонко Давидовиќ, изјави дека “она што го снима полицијата не е валиден доказ затоа што е неовластено снимање”.