ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Меѓународниот ден на жената, 8 Март, на сите граѓанки на Република Македонија и светот. Минатата и оваа година се во знакот на жената во Македонија. Активистки, интелектуалки, новинарки, обвинителки, работнички, една уставна судијка, политичарки... Пред сѐ, слободни граѓанки кои покажуваат, докажуваат и создаваат една нова македонска реалност.
ЦИВИЛ ја алармира јавноста за лошата состојба на човековите права и слободи на жените во земјава, за континуираната дискриминација и злоупотреба на жените на системски нивоа.
Крајно време е да се врати достоинството на жената и сите, солидарно, да се избориме за максимално почитување на правата на жената во Македонија.
Жената во Македонија денес се соочуваат со дискриминација, домашно насилство, мобинг, партиски злоупотреби и структурно насилство. Таа е дискриминирана по низа основи, а тоа е засилено со третманот на жената во политиките и практиките на владата. Преку своите кампањи, како и практиките во секојдневието на македонските граѓанки, власта ја извитоперува улогата и местото на жената во општеството. Жената е прогласена и третирана како апарат за репродукција и објект на субординација и декор, а притоа, низа други права и слободи ѝ се ограничени.
Самиот факт дека жената е предмет на стереотипи и предрасуди е повеќе од доволен да се алармираат јавноста и институциите. Жената е прикажана во понижувачко светло дури и во учебниците од кои учат децата.
Но, тоа ни оддалеку не е крај на неволјите на жената во Македонија. Според извештаите на релевантни организации жената е честа жртва на семејното насилство и е дел од мрачниот подземен бизнис наречен трговија со луѓе.
Во услови на вонуставна узурпација на јавниот и политичкиот живот од страна на верските заедници на православието и исламот, со амин на највисоките инстанци на државата, жената е дополнително третирана како заробеник на религиозните догми. Наспроти основното човеково право на државјанство, вознемирувачки е фактот што голем број жени во Република Македонија немаат државјанство иако ги исполнуваат сите услови за тоа.
ЦИВИЛ во повеќе наврати, со години известува дека жените се дискриминирани и малтретирани на работното место. Нотирани се голем број случаи на дискриминација и кршење на човековите права во доменот на економските и социјалните права. ЦИВИЛ бележи потресни податоци за жената работничка во текстилните фабрики низ Македонија, па така, во еден од своите извештаи за состојбата на човекови права се наведува:
Работничките во текстилните фабрики работат во тешки услови за работа. Според сведочењата, тие немаат никакво греење во зимските месеци, провев има од сите страни, така што принудени се да ги покриваат отворите во ѕидовите со најлони. Работат со капи, зимски јакни и шалови, а седат на искривени и искршени столчиња.
„Како под отворено небо да работиме“ – се вели во една изјава на текстилна работничка. Контролорите во погоните постојано им викаат да работат повеќе и побрзо, ги навредуваат, а регистрирани се и изјави за физичко и сексуално малтретирање.
Жените вработени во производството често мораат да остануваат прекувремено за да ги исполнат високите норми за производство, за што ни оддалеку не добиваат пристојна плата. Работничките во текстилните фабрики се жалат на влошена здравствена состојба.
Повиците за учество и застапеност на жената во политиката, односно институциите на власт со 30 проценти, ЦИВИЛ отсекогаш ги сметаше за дефетистички и потценувачки и од 2000 година бара застапеност на жената од најмалку 50 проценти во политиката и државните институции, соодветно на нивната застапеност во општата популација. Тоа би бил само прв чекор – улогата и застапеноста на жената не смее да биде декларативна и декоративна, туку суштинска.
Денот на жената, 8 март, ја означува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот ден на жената е обележан на 28 февруари 1910 година во САД, на иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. На 19 март 1911 година овој ден го прославуваат над еден милион луѓе во неколку европски земји. На 8 март 1913 година, жените излегуваат на улиците во знак на протест против војната. Оттогаш, ова е ден кога целото човештво се сеќава на мировните стремежи и борбата за човекови права на жената која сé уште трае.
Оваа вест е достапна и на: Albanian