За десетина години, актуелната власт напласти толку многу гревови, кон граѓаните и демократијата, што е многу тешко и неблагодарно да се прогнозира - колкав период ќе ѝ биде неопходен на денешна Македонија (држава – актуелен објект на белосветски мајтапи), да се врати барем на некогашните разгазени патеки, по кои, и како „успешна балканска приказна“, бавно се движеше кон усвојувањето на европските вредности и стандарди.
Киднапираните институции на системот, преку кои се разнебитува и срчосува, доскоро целосно партизираната, а сега веќе, Фамилија-ризираната држава Македонија, произведуваат хаос, главно, за да се обескуражат граѓаните и да го прифатат без реакции идиотскиот спин – дека „сите се исти“. Нели, батали избори, кога Македонија, всушност и нема избор, оти, така ни било пишано...
Слободни, фер и демократски избори во Македонија се невозможни без слободни, објективни и непристрасни медиуми, кои ги создаваат, во нив работат и ги раководат вистински професионалци. Во целиот период по осамостојувањето на Македонија, а особено последнава деценија, македонската медиумска сцена перманетно е девастирана, со здружени напори на партиите на власт, на транзиционите „тајкуни“ во улога на сопственици на „гранап“ – медиуми и на натрапниците и предавниците на новинарската професија... Здружените во злосторот против слободномислечката јавност, наместо морал, етика и достоинство, (нешта иманентни на новинарството), прикривајќи гол арамилак, промовираа режим кој скришум-скришум, од кадифена диктатура се разви во тиранија над медиумите и над сите „инакви“. Онака, грубо „спакуван“ во антички стиропор - обланди и во небулозни тези за економскиот процут на државата.
Во таква ситуација, со дивеењето на партиските центри за информирање, раководени од полит-комесари кои пишуваа(т) униформни соопштенија и дневни мислења (заповеди!) за сите уредувачки тимови кои прифатија да клекнат и да молчат, лесно им беше скршен 'рбетот на печатените медиуми. Тие речиси изчезнаа од сцената (светските искуства со Интернет револуцијата, во Македонија, сепак, беа од второстепено значење, зад концентрацијата на сопствеништвото и зад уцените со печатарските и особено, со дистрибутивните услуги), а традиционалните електронски медиуми, пак, се сведоа на пренесувачи на увозен шунд и невкус, како и на чисто домашна, партиска пропаганда, на спинови и гнасни лаги.
Македонија цела деценија живее во страв, притисната од поткуп и закани, рекет и уцени, во голема мерка токму затоа што систематски и прецизно беа уништувани слободните медиуми, преку безмилосно арчење на парите на граѓаните за неквалитет и за проѕирна пропаганда и преку пресија врз ретките успешни стопански субјекти - да не се рекламираат во медиумите кои се обидуваат да опстанат во нерамноправната битка на пазарот. Паралелно со градењето на виртуелното „најдобро место за инвестирање“ и билдањето на нов 23-вековен национален идентитет, кои карикатурално се обидуваа да ги изведат медиумските подопашници на власта, под чизмата на Фамилијата се смачка јавниот сервис - МРТВ, а се фаворизираа ѓоа-комерцијални медиуми, кои строго контролирани од горе спомнатите полит-комесари, сепак, со години наназад, без исаф ги цицаа парите на граѓаните. И гајле си немаа дека без оглед што се во приватна сопственост, со самото тоа што добиле концесија за емитување, и тие имаат јасна обврска, да го бранат јавниот интерес.
Вината на Фамилијата на власт допрва ќе се утврдува пред Судот. И пред оној „редовниот“, во кој денес ретко кој во Македонија верува, и пред оној, на Историјата.
Но, уште отсега може да се констатира дека Фамилијата ќе мора да одговара за извршеното злосторство – за „бришењето“ од македонскиот јазик, за „забранувањето“ на зборовите: соочување и достоинство, дебата и полемика, одговорност и отчет... За кукавичлакот да излезат пред јавноста и барем да се обидат да одбранат дел од честа (ако ја имале, или ако нешто од неа им останало, по оваа траорна деценија за демократијата), за немањето доблест, како вистински верници за какви се претставуваат, ем демократи, ем христијани или муслимани, јавно да се покајат за напластените гревови... Барем, за омразата кон сите инакумислечки луѓе, кон сите „инакви“, како и за налудничавиот обид да ја сопрат вистината.
И да го забранат и зборот – слобода!