Tribunus Civilis им пресуди на Груевски, Мијалков и Јанкуловска!

Tribunus Civilis (Граѓански суд), на своето прво „рочиште” им пресуди на обвинетите: Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Иво Котески и Дејан Митревски-Урко, за обид за прикривање на убиството на Мартин Нешковски.

Граѓанскиот суд претставува симболичен суд на правда на граѓанското општество. Судот во Македонија го покренуваат истакнати интелектуалци и борци за човекови права и за правна држава, кои се истакнале со својот професионален и човечки кредибилитет. Функционирањето на Судот го следи примерот на Раселовиот трибунал, во насока да процесира симболична, но, транзициска правда. Симболичните судови се формираат, кога во некое општество ќе настапат вонредни околности поради кои се деформира демократскиот принцип. Tribunus civilis, ќе биде важен катализатор на тразитирањето и демократизацијата на македонското општество и има намера да врши притисок врз партиите, во насока - тие да не ја заборават правдата. Затоа, ќе работи целосно независно од партиските преговарања.

Покрај кривичната одговорност, новоформираниот Граѓанскиот суд во Македонија, земајќи ги предвид снимените разговори во таканаречените бомби, побара за обвинетите и политичка и етичка одговорност. Поради тоа, Судот побара од Груевски да поднесе оставка од позицијата претседател на Владата.

„Судии“ на првиот Граѓански суд во Македонија беа новинарот Бранко Тричкоски, доцентката на Правниот факултет, Ана Чупеска и историчарката Ирена Стефоска, „обвинителка“ беше Уранија Пировска, Извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, а обвинетите ги застапуваше новинарот Љубиша Арсиќ.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=hK0MNJyiqe8[/youtube]

Како што истакна „обвинителката“ Пировска, таа е задоволна од пресудата, која била очекувана, со оглед на слабите и неосновани аргументи на одбраната. „Овој суд не се занимава со правна работа. Целта е да покрене свеста на јавноста за случаите кои јасно говорат за тоа што се случува во нашата држава. Случајот на Мартин Нешковски го избравме како прв, затоа што сакавме да укажеме на културата на насилство и на неказнивост во нашето општество, на манирот со кој се однесува оваа власт која не ги казнува своите приврзаници и создава правна несигурност кај граѓаните... Одбраната не можеше да му парира на обвинението, затоа што постојат чисти и јасни докази за тоа што се случи после убиството“.

„Одбраната“ сметаше дека се работи за пародија, и потенцираше дека не го признава Граѓанскиот суд и не ги признава доказите за легитимни, затоа што се набавени од странски служби. Во својот завршен говор Арсиќ го цитираше премиерот: “Вистината ќе се утврди и народот на избори ќе одлучи кој е во право.”

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов