„Кога на еден од последните состаноци од крајот на минатата година го претставив планот за активности во јануари, тимот на ЦИВИЛ тоа го нарече јануарски поход. Се согласувам, планот е навистина набиен. Едноставно, нема ден без активност во текот на целиот месец. Но, сме имале и пожестоко темпо, така што ова не е ништо“ – вели Горан Наумовски, член на Извршниот Комитет на ЦИВИЛ за плановите на организацијата на самиот почеток на 2016 година.
ЦИВИЛ засилено работи на средби и активности со членовите на мониторинг тимовите, со партнерските организации, како и со претставници на политичките партии на локално ниво. Најголем дел од овие активности се поврзани со проектите за долгорочно набљудување на политичките процеси во изборен контекст и за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација за гласачките права.
Првиот настан за оваа година, средба на Регионалната работна група за слободни избори, се одржа на 4 јануари во Битола. Наспроти сите очекувања дека одзивот ќе биде скромен поради празничните денови, на средбата зедоа учество дваесетина претставници на политичките партии, граѓанските организации, еден пратеник во собранието и лидер на партија, повеќе претставници на советот на општина Битола, медиуми, како и заинтересирани граѓанки и граѓани.
На средбата се дискутираше за актуелната политичка криза, за состојбата на медиумите, за притисоците, заканите и уцените, за политичката дискриминација, кршењето на гласачкото право и злоупотребите на јавната администрација. За настанот извести и битолската ТВ Мега.
Регионалните работни групи за слободни избори се формирани во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Во меѓувреме, ЦИВИЛ работи на креирање детални планови за набљудување на изборниот процес, врши анализа на состојбите и условите за одржување на слободни избори, спроведува анкети и истражувања, а мобилниот тим на организацијата ги верификува информациите и извештаите од теренот. Следниот состанок на Регионалната работна група за слободни избори ќе се одржи во Штип, на 11 јануари 2016 година.
Паралелно со настанот во Штип, истиот ден во Велес ќе се одржи и работна средба на мониторинг тимот на ЦИВИЛ во рамки на проектот „Моето гласачко право“, на која ќе се дискутираат извештаите од мониторингот на ЦИВИЛ за велешкиот регион. Ќе се одржат и неколку работни средби на мониторинг тимовите за скопскиот регион со истата агенда. Поради големиот број теми и извештаи од скопскиот регион, овие состаноци ќе се одржуваат од 12 до 14 јануари. Истовремено, друг тим на ЦИВИЛ ќе патува низ земјата. На 12 јануари ќе се одржи работна средба и со мониторинг тимот за струмичкиот регион. Овие активности се поддржани од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.
На 12 јануари, ЦИВИЛ ќе биде и во Гевгелија, каде е закажана средба на Регионалната работна група за слободни избори за гевгелискиот регион, во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“. Во рамки на истиот проект, тимот на ЦИВИЛ ќе оддржи средби на Регионалните работни групи за слободни избори во Гостивар, на 14 јануари, а веќе на 15 јануари, такви средби ќе се одржат истовремено во Охрид и Куманово.
ЦИВИЛ ќе одржи јавен настан во Штип, на тема „Сите за слободни избори“ на 16 јануари. Како и во Куманово, граѓаните на Штип ќе имаат можност да проследат видео прилози кои не се емитуваат на националните медиуми во Македонија, ќе се информираат за своето гласачко право и ќе учествуваат на фото петицијата за слободни избори. До крајот на јануари и почетокот на февруари, ЦИВИЛ ќе одржи јавни настани и во Охрид и Гевгелија.
Во тек е и натпреварот за најдобри фото и видео прилози во рамките на проектот „Граѓански објектив“, каде граѓанските новинари ќе можат да доставуваат прилози за злоупотребите и кршењето на гласачкото право во земјата. наградите ќе се доделуваат во пет месечни циклуси, а секој месец ќе се наградуваат по пет најуспешни прилози со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е во противвредност на 110 долари. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.
„ЦИВИЛ-Центар за слобода продолжува да ги набљудува долгорочно изборниот процес, во следниот период ќе се прават и засилени подготовки и тимови кои ќе ги следат предвремените избори. Организацијата доби финансиска поддршка за проект за набљудување на претстојните избори, кој започна на 1 јануари, но повеќе информации за тоа ќе се соопштат идната недела“, вели Горан Наумовски.
Дехран Муратов