Условите за слободни избори се битни, а не датумот кога тие ќе се одржат - смета политичкиот аналитичар Сашо Орданоски. Во изјавата за ЦИВИЛ, тој истакна дека сосема погрешен беше пристапот, прво да одреди датумот за избори, а потоа да се исполнуваат условите за нивно одржување. Тој вели дека Груевски мора да си оди, а потоа, експертската група на Рајнхард Прибе да дојде во Македонија, да ја скенира ситуацијата и да процени дали условите за слободни избори се исполнети.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Z5mMk_CEQQQ[/youtube]
ЦИВИЛ: Дали во Македонија се создаваат услови за слободни избори?
Орданоски: Како и секое преговарање коe што треба да разреши крупна политичка криза, така и преговарањата од минатото лето во Пржино се преговори, коишто резултираа со договор, во кој има два крупни проблеми. Првиот крупен проблем е принципиелен - што од едната страна седеше преговарачка екипа која што практично придонесе за создавање на целата оваа огромна криза во Македонија, во која што има многу криминални елементи, за коишто, еве сега, имаме прилика веќе да гледаме низ активностите на Специјалното обвинителство и низ објавените прислушкуваните разговори. Тоа е значи едниот проблем - како вие да им компарирате во решавање на проблеми луѓе кои учествувале во создавањето на проблемот, а така, проблемот да се реши со нивно исклучување од процесот, тоа е проблем.
И, второ, во такви околности се отиде со утврдување на датумот кога да се прават избори, наместо да се отиде со утврдување на целите кои треба да се постигнат за да се направат слободни избори. Кога дојдовме, сега веќе при крајот на остварување на тој договор, ние ги гледаме тие два крупни проблеми. Фактот што остана на власт истата екипа која што требаше да придонесе да се донесат такви реформи во Македонија за да дојдеме до слободни избори, се покажува како фактор којшто во принцип придонесе тие реформи да не се направат, или да не се направат како што треба. Не се направат да се во доволен обем и со доволна длабочина, или се само формални, само на хартија, какви што се изнагледавме во минатите години.
И, сега е тоа крупен проблем, бидејќи останаа под еден голем цајтнот многу важни нерешени прашања, кои што се врзани за избирачки списоци, за функционирање на ДИК, да не ги спомнувам медиумите итн., парите секако, и, сето тоа што следува со тоа.
Сега доаѓаме во ситуација да сме практично неколку дена пред оставката на премиерот како дел од тој договорен процес. Но, мислам дека се создаваат сите услови премиерот секако да си замине, а неостварените промени, коишто требаше да следуваат во реформите за да дојдеме до слободни избори, ќе треба повеќе време за да се направат. Мојот предлог беше, и јас држам дека сѐ уште е добар предлог - откако премиерот ќе си замине и откако ќе добиеме, да кажеме, техничка влада која што ќе треба да владее до одвивање на тие вонредни избори, ние овдека, со посредство на Европската унија и на Американците, во Македонија да дојде повторно Прибе со својата екипа, во некоја перспектива, да направи еден тотален скен, една рендгенска снимка за тоа дали ние сме способни за фер и демократски избори. Ако проценат дека не сме, да кажат кои се тие работи што треба сѐ уште да се довршат за да дојдат до таа точка, без да ставаат датум сега на тоа туку да постават цел, откако ќе ги исполниме тие цели, да се оди на избори.
Мислам дека тоа е таа ситуација во која сега се наоѓаме. Се разбира дека тоа разни политички актери сега тоа го толкуваат како нарушување на Пржинскиот договор, меѓутоа да, договорот е нарушен во многу посуштински делови, бидејќи ние не дојдовме до целите кои Пржинскиот договор сакаше да ги постигне, во смисла на постигнување услови, дури би рекол дека во низа сектори и области имаме и регресија на тоа. На една страна имаме формализирање на договорот, каде што одредени таргети се остварени на хартија. Но, кога ќе видите во суштината, политички, состојбите се дури и полоши отколку што беа пред Пржино.
Значи, се поставува прашање, дали Македонија сака да оди во легитимирање со едни изнасилени, сега повторно избори, во легитимирање на еден криминал којшто со години се правеше, или Македонија сака да дојде до точка во која што, кога ќе се дојде до тие избори кои што ќе бидат прогласени за легални и легитимни, потоа сите ќе се согласиме дека резултатите се такви, какви што следуваат по слободни избори.
Не сум сигурен дека на оваа екипа која што е сѐ уште на власт во Македонија ова и одговара. Напротив, мислам дека нивното брзање да се оди што побрзо на избори е практично уште еден напор да се легитимира нивниот начин на владеење, а тоа е, како што гледаме, катастрофален со години наназад. Но, мислам дека сега е апсолутно тежиштето на меѓународната заедница - тие се гарантори на договорот од Пржино и мислам дека имаат позиција на најдобра дистанца од сите тие работи, за да проценат до каде всушност сме стигнати, со сите да кажам зацртани а неостварливи работи.
Агнеса Чаволи
Оваа вест е достапна и на: English