Во медиумите и меѓу оние што произведуваат медиумски содржини (намерно не го користам поимот - новинари), има секакви будали. Порано, будалите и случајните луѓе во медиумите и новинарството беа поретки, а тоа важеше за угледна и ценета професија. Но, како што врвеа годините, а особено во последнава деценија, откога глупавоста и послушноста станаа најважни критериуми за вработување и заработка (покрај партиската книшка), будалите се накотија и во медиумите, особено во оние највлијателните, па и во оние што глумат „влијателност“, без оглед дали зборуваме за традиционални или нови медиуми.
Новинарите во медиумите стануваат вистинска реткост. Буквално, како ретки животни пред изумирање, на кои се покажува со прст. А што се поретки вистинските новинари во медиумите, толку е поголема и желбата на центрите на моќ, на медиумските газди и на нивните слуги за нивно целосно истребување. За гаснење и на тие малку светилки во овој темен вилает. Речиси и да нема медиумски моќник или важен политичар кој нема некој значаен новинарски „скалп“ во својата колекција. Овие персони имаат и свои медиумски чети и центуриони, егзекутори кои се шетаат по медиуми, казнени експедиции кои се праќаат за да дисциплинираат некоја редакција, или да дискредитираат или девалвираат личности во јавноста доколку се оценети како опасност за интересите на сопствениците на медиумот или на нивните политички и бизнис пајташи.
Некои дури и менуваат уредници и новинари како гаќи, мислејќи дека така ќе ја снема смрдеата која што се шири од нивните гласила, а се продава како вистинита информација. Затоа, во медиумите сѐ поретко можеме да слушнеме и видиме нешто паметно. За замена, се нуди пропаганда, лаги и гнасотилаци во изобилие. Ексклузивни и скандалозни, се разбира.
И, ако бевме навикнати на овој “квалитет” како понуда на голем дел од провладините медиуми и новинари, навистина е разочарувачки тоа што и кај критички настроените медиуми гледаме инфлација на будали, која му прави огромна штета на потенцијалот за промени. Примери на грозни содржини има многу. Се чепка во деца, во семејство, во мртви и гробови, се пцуе на највулгарен начин, а дел од критичката јавност, за жал, тоа го прифаќа како “нормален” одговор на перманентното насилство од овој вид, кој власта и медиумите под нејзина капа го вршеа над секого кој не мисли исто како неа.
Неодамна имавме еден таков еклатантен пример. Грозно и нечовечно беше тоа што го напишаа некои демек "жустри критичари на власта" за починатиот Слободан Чашуле. Исто како што беше грозен односот на некрофилиските мегафони на власта пред неколку години, на пример, кон смртта на Марко Кабранов или Роберто Беличанец. И низ овие примери, за жал или за среќа, може да се види разликата помеѓу вистинската критичка јавност и новинари и пропагандистичките 'сам од себе правам циркус' медиуми и новинари, без оглед на кој центар на моќ му служат.
Но, не само тоа. Клучно е што низ ваквите примери се гледа и се соголува интенцијата на центрите на пропагандата - преку ваквите медиумски циркузанти да извалкаат што може повеќе и други медиуми и новинари, од оние вистинските. Затоа врескаат слугите на пропагандата - "сите се исти" - не само политиковци, милојковци, сарми, буреци и останати „деликатеси“ од смрдената македонска медиумска кујна, туку во тој кош сакаат да ги стават сите останати кои артикулираат вистинска, аргументирана критика, било да е тоа кон власта или кон било која општествена појава или настан, критика и ставови омеѓени од вообичаените правила и стандарди на јавна или медиумска комуникација.
Погледнете како ги дочека критичката јавност идиотските написи за Чашуле, без оглед на идеолошките несогласувања. Тоа е навистина за пофалба. И потсетете се како дежурните "морализатори" на власта ги дочекаа гадните написи за починатите Кабранов и Беличанец. Речиси сите молчеа, добар дел од нив дури и се водушевуваа, а врескаат кога на нив ќе се сруши „критиката“ на некои што се (себе)рекламираат како ударни опозициски медиумски тупаници.
Ние не молчевме ни тогаш, ниту сега. Ниту пак идиотите нѐ воодушевуваат, како што би рекла Ариан Хафингтон за расистичките изјави на Трамп. И никогаш нема и не треба да замолчиме и да ги оставиме будалите и идиотите да вреват и да завладеат со јавноста и медиумите. Навистина, има поделби во општеството и во медиумите, но не се сите што се демек “од иста страна” - исти. Време е сите да разбереме дека клучната поделба меѓу "нас" и "нив" не е ниту идеолошка, ниту етничка, ниту религиска. Едните се со ум и разум, инсаф и усул. Другите не.
Оваа вест е достапна и на: English