ЦИВИЛ ги повикува граѓанските новинари и сите заинтересирани граѓани да учествуваат на натпреварот „Биди граѓански новинар“ за најуспешни видео снимки и фотографии, за сите видови злоупотреби, притисоци и кршење на човековите права во изборен контекст.
Видео, аудио и фото записи, како и текстови за закани, уцени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, кршење на гласачкото право, злоупотреба на јавните ресурси и администрација се теми кои сегашните и идните граѓански новинари можат да ги споделат со јавноста преку проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, а притоа ќе добијат можност и да бидат наградени.
За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА.
Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во нашиот и вашиот проект. Ве охрабруваме да земете активно учество како граѓани и граѓанки кои преку истражување, медумски активности и активизам ќе дадете свој придонес за развојот на граѓанското новинарство.
Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со детален опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.
Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото,видео, компјутерска и телефонска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари.
Рокот за прибирање на трудови од граѓанските новинари е до 31 јануари. Првите награди ќе бидат доделени во февруари 2016 година.
Општа цел на проектот „Граѓански објектив“ е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на престојните избори, да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и да се идентификуваат случаите на кршење на гласачкото право.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.