Теменугов: Владата си тера ќеиф со парите на граѓаните!

По повод овонеделното задолжување на Владата за нови 12,5 милиони евра, со кои врз плеќите на граѓан(к)ите е струполен дополнителен  товар кој уште подлабоко ги заглибува и нив и нивните деца во должничкото ропство, ЦИВИЛ Медиа побара изјави од двајца искусни новинари и уредници, експерти за економија, кои со години наназад ја следат оваа сфера: Анета Додевска, автор и водител на емисијата „Тренд“ на ТВ „24 Вести“ и Горан Теменугов, уредник на економската рубрика на ТВ „Алсат – М“.

 [youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=C726gOdvJHw[/youtube]

„Во јавноста се поставува прашањето дали се добри задолжувањата во овој период, односно од Нова Година досега, и може да се каже дека се – добри. Но, само за Владата, која што освен што, за само две недели се задолжи со ‘редовната’ сума од дваесеттина милиони евра, зема и дополнителни 22 милиони евра, за кои не знаеме каде се трошат. Ова е многу добро за Владата која што си дозволува фин комодитет да троши пари, наши пари, иако се земени од банките, односно, запишани се државни записи и државни обврзници. И ние, граѓаните, сметаме дека тоа се некои пари кои што ги даваат банките, а во суштина, тоа се нашите пари, нашите депозити, она што ние како граѓани и како фирми, го штедиме во банките.

Така што, ова е една многу фина работа за самата Влада и за сите оние кои користат директно бенефиции од Владата, односно, кои што соработуваат со неа. Но, лошото во сето ова е што сметката на крајот ќе ја плаќаат сите два милиона жители кои живеат во оваа држава. И тоа е малку поголем проблем, бидејќи ние не знаеме реално, колку изнесува тој долг, односно ние не знаеме ни како е потрошен и зошто Владата ги користи овие пари.

За да им биде малку појасно на луѓето каков е овој проблем, и дека не е имагинарен, ќе им појаснам со примерот на едно семејство. Ако, на пример, газдата, домаќинот, таткото, сопругот..., си дозволи самиот да земе кредит, и тој кредит, самиот да го потроши во кафеана, да го испие, да го даде на танчарки, да ги бркне паричките во градникот на танчарката, нему ќе му биде фино. И, во тој момент, ќе си го направи ќеифот, но дома ќе си отиде со долг од, на пример, неколку илјади евра. Тој долг се распоредува и на неговата сопруга, но и на неговите деца! Значи, сопругата треба да мисли како ќе ги врати, заедно со сопругот, ќеифот што тој го направил мажот во кафеана. Исто така, тој долг може да се префрли и кај децата, да им ја се загрози иднината на тие деца. Поинаков е случајот ако тие пари таткото ги земал и се задолжил, за да ги школува неговите деца и да им обезбеди подобра иднина. Тоа е продуктивно задолжување.

Ние, граѓаните, во овој момент не знаеме за што ќе се трошат, еве овие 22 милиони евра што ги зема Владата од Нова Година досега, а тоа се големи пари, земени за само две недели! Проблемот е што навистина не знаеме дали Владата со парите ќе си отиде во кафеана, ќе и ги стави на танчарката меѓу градите, и министрите ќе си го тераат својот личен ќеиф. Или, едноставно, ќе ги инвестира, што на долг рок ќе донесе бенефит за сите нас, како граѓани.

Тука е основното прашање и основната опасност со овие задолжувања, значи, само по себе задолжувањето не е опасно. Мислам, не е толку страшно како што ние го замислуваме, леле, крај на светот е ако земеме пари, па ќе се задолжиме, па како ќе ги враќаме... Ако е полезна инвестицијата, ќе се врати со текот на времето, и ќе се исплати. Но, поради нетранспарентноста на оваа Влада, поради начинот како работи во изминативе 10 години, навистина немаме претстава каде се трошат овие пари!“

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish