Во својот говор на конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Никола Груевски истури лавина од обвиненија и закани против опозицијата, против неговите критичари и против меѓународната заедница. Во овој говор, Груевски, како да се натпреваруваше со себе си. Агресивен, гневен и полн со омраза, Груевски уште еднаш, без да бира зборови, покажа колку малку му значи договорот за надминување на политичката криза, а воедно покажа и дека има намера и физички да се пресмета со своите опоненти.
Во говорот на Груевски нема скриени пораки. Сите свои ставови ги изнесе во манир на жесток популист, кој нема да се воздржува пред никого во својот поход кон власта, дека нема да го спречат никакви договори со посредство на меѓународните претставници, ниту закони или принципи на демократски и фер политички натпревар.
Груевски толку често го споменува народот во својот говор, што станува невкусно, а и премногу очигледно дека се работи за поистоветување. Тој невешто ги крие своите намери зад поимот народ. Кога вели дека „сега народот е погневен од било кога досега“, повеќе од јасно е дека со тоа соопштува дека самиот е погневен од било кога досега.
За Груевски, народот, уставот и законите биле силувани, а министрите од редовите на СДСМ кои се сега дел од техничката влада, се „наметнати“.
Тој, во името на народот вели дека „му донесоа закони и институции кои не се нивен избор“, па дека затоа „на 24 април доаѓа казната и одмаздата на народот“.
Очигледно, датум за избори, според Груевски, е 24 април. Тоа е денот кога тој „на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава“, се разбира, преку народот.
Груевски се заканува дека „во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“. Тој со ова, без особени заобиколувања, навестува дека мобилизацијата и притисоците ќе имаат масовни размери и дека е подготвен на насилство. И со овој став, Груевски вели дека го отфрла договорот за надминување на политичката криза за кој посредно тврди дека му бил наметнат.
„Овој народ е господар на оваа територија. Ова ќе биде порака кон внатре и кон надвор од земјата“, се издвојува од првата од четирите пораки кои денеска ги упати Груевски, јасно укажувајќи дека „странските служби“, односно меѓународната заедница не ја смета за пречка за неговите планови да ги поврати делумно изгубените позиции.
Тој понатаму ова само го потврдува во уште неколку наврати во својот говор. „Сите криминалци со политички амбиции...“ – вели тој – „ кои преку поткупи, преку измами, преку монтирани снимки... ќе се обидат да добијат нешто за себе… ќе добијат клоца од убедливото мнозинство народ во оваа земја и тоа на првите наредни избори преку масовно излегување и гласање на тие избори.“
Овој популистички говор на Груевски, во суштина, претставува гротеска и во други околности би можел да биде предмет на подбив. Сепак, имајќи предвид дека тој и неговите соработници предводат партија која речиси во целост ги стави под контрола државата, институциите, финансиите, медиумите и општеството во десетте години од владеењето, овој говор мора да се третира како документ за крајно навредливиот однос на Груевски и на неговата партија кон сите напори, на национално и на меѓународно ниво, за надминување на тешката криза во која се наоѓа Република Македонија.
Но, тоа што можеби најмногу ја објаснува причината за неговиот наплив на агресија и гнев, се зборовите: „Ќе помине долго, многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла“.
Тука се објаснети сите позиции на Груевски. По ова, веќе нема никакви дилеми дека Груевски навистина се чувствува крајно загрозен, но и дека е подготвен на сѐ, не само да ја одбрани својата слобода, туку и да ја задржи власта. По секоја цена.