Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, кој од средината на декември е со нов состав, за еден месец, издаде дозвола за формирање на два нови државни универзитета во Скопје. Покрај универзитетот “Мајка Тереза”, каде наставата ќе се одвива на албански јазик, поднесен е Предлог-закон за формирање на универзитетот “Дамјан Груев” на македонски јазик.
Предвидено е Универзитетот за национална одбрана, безбедност и мир “Дамјан Груев”, да има 8 конститутивни единици: Воена академија за копнена војска, Воздухопловна академија, Факултет за безбедност, Медицински факултет, Факултет за мировни студии и кризен менаџмент, Правен факултет, Институт за командни и штабни функции и лидерство, Институт за информатички технологии и сајбер безбедност.
Иако иницијаторите за новиот универзитет сметаат дека од аспект на заканите, системот за национална безбедност е неопходно да биде интегриран и преку изградба на нови капацитети во образованието и обуката за потребите на националната безбедност, партиските членовите на собраниската Комисија за високо образование, од стартот беа директно спротивставени со ставовите околу потребата од уште еден државен универзитет.
Како што изјави заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, направена била сеопшта анализа на искуствата коишто постојат во западноевропските земји, согласно чии што стандарди Министерството за одбрана функционира и работи, и била констатирана потреба од формирање на еден ваков универзитет во чии што рамки ќе влезе веќе постојната Воена академија која досега функционираше како дел од високообразовниот систем.
Од опозиционата СДСМ, поднесени се 1.000 амандмани, затоа што според нив, досега нема поднесено елаборат и стручни мислења за потребата за формирање на вториот државен универзитет во Скопје.
Предлог-законот за основање на Универзитет за национална одбрана и безбедност „Дамјан Груев“ е на второ читање во собраниската комисија, а редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, во меѓувреме разговараше со професори од универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, за нивниот став, по прашањата - дали има потреба од уште еден универзитет, има ли доволно кадар што ќе предава на новиот универзитет, и што тоа значи за образовниот систем во Македонија?
Ставовите на професорите д-р Ненад Марковиќ, д-р Гордана Силјановска – Давкова и на професорот во пензија д-р Владимир Борозанов, дополнително ќе Ви ги пренесеме.
Марија Теговска