ЦИВИЛ- Центар за слобода додели пет награди за пет видео и фото материјали, кои беа подготвени од граѓанските новинари. Тие беа придружени од кратки стории кои ги дообјаснуваат видео и фото прилозите. Доделувањето на наградите е дел од проектот "Граѓански објектив".
Наспроти студот и дожделивото време, салата на хотелот Сити Парк во центарот на Скопје беше полна. На доделувањето на наградите дојдоа дел од учесниците и предавачите на семинарите за обука на граѓански новинари кои се одржуваа во текот на последните два месеци од минатата година. Освен нив, на церемонијата присуствуваа и активисти на граѓанското општество, заинтересирани граѓанки и граѓани, новинари и уредници.
Прв говореше претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој го претстави проектот и комисијата составена од тројца членови: Биљана Јордановска (претседателка), Биљана Еверет и Ермин Климента, кои се дел од тимот на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ го покани новинарот и уредник Бранко Героски да се обрати на публиката. Според Героски, проектот "Граѓански објектив", има голем потенцијал на направи промена во развојот на македонското новинарство, кое во моментов е на најниско ниво во последните 35 години.
Потоа, се обрати и актерот Перо Арсовски, кој, меѓу другото, говореше за позитивната улога на ЦИВИЛ во општеството. „ЦИВИЛ е тип на невладина огранизација каква што јас замислувам дека треба да биде една организација" - рече Арсовски.
"За да се зборува за ЦИВИЛ, треба да се напише една книга" - рече претставникот од невладината Натура од Липково Паљуси Салији, кој побара збор за да го покани ЦИВИЛ да продолжат со соработката која датира уште од времето на војната во 2001 година.
Граѓанските новинари кои се ангажираа во проектот „Граѓански објектив“ испратија повеќе информации и стории, како учесници во натпреварот „Биди граѓански новинар!“. Голем дел од текстовите, фотографиите и видео-материјалите сведочат за партиски злоупотреби и притисоци низ целата земја.
По воведничарите, започна церемонијата за доделување на наградите. Дерала ја додели едната од двете награди за четврто место за трудот: "Оти ЦИВИЛ нема во Америка". Авторката Билјана Милановска од Пробиштип, која претходно побара да остане анонимна, сепак, реши да се претстави пред гостите на настанот и се согласи да биде потпишана под трудот, што предизвика аплауз во салата. "Видеото е премногу добро за да се остане анонимен" - изјави Милановска, пред да ја подигне наградата.
Четвртата награда е за текстот: "Владиката Агатангел вдахновен од власта". Граѓанскиот новинар, автор на фото веста е Димче Велев од Велес.
Третата награда комисијата на ЦИВИЛ ја додели на Божидар Барлакоски од Прилеп, за фото-сторијата "Прилеп: Партиска пропаганда и манипулација со малолетници".
Граѓанската новинарка Тања Кангалова од Штип, е добитник на втората награда, за видео материјалот: "Немам доверба во никого". Кангалова, студентка по новинарство, аплицираше и за волонтерска позиција во ЦИВИЛ, за новинарски и истражувачки ангажман во редакцијата на ЦИВИЛ Медиа. Нејзината апликација беше прифатена.
Првата награда ЦИВИЛ ја додели за видео материјалот: "Конвој автобуси за унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ" и текстот „Партиски закани во Унијата на жени на ДПМНЕ“, видео-прилог кој за само неколку часа имаше над 10.000 посети на YouTube каналот на ЦИВИЛ, како и голем број посети на веб страницата на ЦИВИЛ. Авторката на оваа содржина одлучи да остане анонимна.
"Остануваме доследни на тоа што досега сме го правеле, а тоа е да бидеме израз на граѓанската вoлја на граѓанките и граѓаните, кога тоа најмногу им треба.", со оваа порака Дерала го затвори официјалниот дел од церемонијата на доделување на наградите „Граѓански објектив“ и ги повика граѓанските новинарки и новинари да продолжат да испраќаат видео и фото содржини, во рамки на натпреварувачките циклуси на конкурсот "Биди граѓански новинар".
Марија Теговска
Фотографии: Биљана Јордановска, Соња Ефтовска, Атанас Петровски