Зошто е Унитети закана за ДУИ?

Вчера, политичката сцена кај Албанците во Македонија и формално стана побогата за еден субјект. Унитети (Единство), спротивно на насловот што го носи, е партија којашто, всушност, произлезе од поделби во владејачката ДУИ. Нејзин предводник е поранешниот воен водач на ОНА Гзим Острени, а дел од структурите на оваа нова партија се и поранешниот командант на ОНА и сегашен пратеник Зулфи Адили, како и други истакнати членови на поранешната воена формација, од која по конфликтот во 2001-та година, произлезе Демократската унија за интеграција, партија која неприкосновено владее со албанското население и победува на сите избори од 2002 – та година.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Како што неодамна изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заминувањето на неговиот поранешен прв соработник од партијата, му го скршило срцето. Веројатно, токму затоа, во овие денови, кога неговиот прв другар од 2001-та формира нова партија, неговите сопартијци се обидуваат да му го залечат. Со разно-разни настани и марифети.
Интересно, формирањето на новата партија деновиве, токму ДУИ го „следи“ со интензивна паралелна активност. На пример, токму на денот на формирањето на Унитети, ДУИ во Чаир организираше отворање на партискиот штаб, со прослава, ѓурултија и блокирање на целата населба. На кружниот тек во Топанско поле, набрзина, во недела и без „вообичаена“ помпа, беше поставен споменик на двоглав орел на постамент. Шефот на кабинетот на Ахмети, на 13-ти февруари на Фејсбук, „свечено“ ја одбележа годишнината на настаните од Кале и потсети на неговото „јунаштво“, а веднаш потоа, на неговиот профил на социјалната мрежа, упати отровни стрели на адреса на новоформираната партија.
Чуму толкава нервоза во ДУИ од формирањето на Унитети? Не верувам дека причината за тоа лежи во стравот од огромната сила која што ја располага оваа - тукушто формирана партија. Истражувањата на расположението на гласачите покажуваат дека кај Албанците рејтингот на ДУИ, иако е во пад, сепак, е највисок во споредба со другите субјекти, што во комбинација со сегашната разединетост во опозицијата, ја става владејачката партија во релативно комотна позиција.
Но наспроти тоа, не смееме да заборавиме дека формирањето на Унитети е прва посериозна поделба во владејачката партија на Албанците. Освен тоа, не се работи за какво било расцепување, туку за заминување од ДУИ на највисокиот воен раководител на ОНА, нејзиниот темел, како и на други значајни личности од оваа структура, што за ДУИ значи губење на патриотскиот ореол, на ореолот на воен победник. Во комбинација со „резултатите“ од досегашното владеење, при што продавањето патриотизам стана и останува единствената алатка на владејачката албанска партија, за замајување на сé посиромашните и погневни гласачи, одземањето токму на таа алатка од нејзините раце, за неа претставува најголема закана.
Затоа е толкава нервозата на „големиот“ ДУИ од „малиот“ Унитети. И токму затоа, во деновите што следуваат, ќе се изнагледаме жестоки напади на тие релации. Оти, навистина, Али Ахмети и неговите другари ги боли скршеното срце, но уште повеќе ги боли и помила им е - сé порасклатената фотелја.

Оваа вест е достапна и на: Albanian