Од осамостојувањето во 1991 година, Република Македонија постојано се движи меѓу парадигмата на стабилност и на демократија. Таа успеа да ги избегне крвавите балкански војни од 1991-1995, градејќи го своето младо демократско општество под постојан притисок на опасна регионална нестабилност и економски ембарга. Грција ја блокира нејзината евро-атлантска интеграција уште од самиот почеток, водејќи спор околу името на државата. Набрзо, Македонија се најде во состојба да треба политички да го преживее сé уште неразјаснетиот обид за убиство на својот прв претседател Киро Глигоров во 1995 година. Потоа, следуваа косовската криза и војната на НАТО во Србија во 1999 година, кои не само што предизвикаа нестабилност на нејзините граници, туку и прилив на стотици илјади албански бегалци од Косово во “прибежиштата„ на територијата на Македонија, која веќе се наоѓаше во потешкотии поради македонско-албанските меѓуетнички недоразбирања. Тој внатрешно-политички конфликт од етнички карактер, поддржан од одредени вооружени и криминални елементи од поранешната косовска Ослободителна армија - УЧК, прерасна во вистински воен конфликт во 2001 година. Оваа мошне сериозна конфронтација заврши со договор, кој беше потпишан со помош на клучната преговарачка улога што ја имаше меѓународната заедица во градот Охрид, и со кој, на албанската етничка заедница ѝ се обезбедија повеќе права и подобра застапеност во државните институции.
Но, односите помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци, политички и културно останаа со лузни. И набрзо по воспоставувањето на одредена стабилност во државата и преземањето демократски напори, претседателот Борис Трајковски исчезнува во трагична несреќа кога неговиот авион, при неразјаснети околности, се урива над Мостар во 2004 година и загинува заедно со уште осум членови од државната делегација и од екипажот на пат кон Босна и Херцеговина.
Низ сите овие години, македонската демократија некогаш немала вистинска можност да просперира во еден подолг, непречен временски период што би можел да се искористи за стабилизација и унапредување на институциите, за соодветно развивање на економијата и поттикнување на човековите и демократските права во општеството, до едно прифатливо ниво на европски стандарди. Во 2006 година, новата конзервативна влада на ВМРО-ДПМНЕ го превзема владеењето, по парламентарните избори кои се одржаа истата година и постепено, година по година, почнаа да ја преобразуваат државата во голема корпорациска структура, оддалечувајќи се од демократијата толку, колку што се доближуваше до една корумпирана, криминализирана, фамилијарно и пријателски водена корпорација од затворен тип, која орбитира околу водството на премиерот Никола Груевски, со помош на нивниот коалициски партнер, најголемата албанска политичка партија - ДУИ. Нивните популистички политики, комбинирани со редовни националистички појави и отсуство на демократски стандарди на секојдневна основа, предизвикаа постојани конфронтации со нивните политички противници, како и во рамките на граѓанското општество.
Од почетокот на 2015 година, Владата и централно-лево ориентираната опозиција постојано се во судир, комуницирајќи само преку јавни обвинувања, вклучувајќи ги и деталите од илјадниците прислушувани разговори на поединци што наводно се извршени од државната тајна полиција. Високите ешалони на владеачката структура се инкримирани поради поврзаност и директна инволвираност во голем број на многу сериозни криминални и неетички случаи.
Ова донесе уште една криза на македонскиот праг, која доколку навремено и конструктивно не биде решена, го загрозува постоењето на демократската држава и благосостојбата на нејзиниот народ. Исто така, негативните последици може да надвиснуваат врз целокупната регионална стабилност на многу сериозен начин.
Корените
1.Пред десет години, во 2006 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, работите се чинеа делумно надежни. Се работеше за амбициозна и самопрокламирана конзервативна влада, која во најголем дел ја сочинуваа млади технократи во своите триесетти години, кои сакаа да ја трансформираат својата држава - политички и економски, од повеќегодишната слаба економска транзиција и различните политички дигресии меѓу интеграциските напори на ЕУ и НАТО, сложените меѓуетнички политики и внатрешното демократско недоразбирање. Не многу долго откако ја формираше неговата прва влада, а особено по 2009 година, Никола Груевски (44), сегашниот (со најдолг период на владеење) македонски премиер и претседател на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, почна да развива систем што ќе биде длабоко вкоренет во една непредвидлива мешавина на социо-економски популизам, благо прекриена етничка (анти-албанска) одвратност и демократски притисоци врз слабата, но до средина на 2000-те сé уште во развој, македонска демократија.
По десет години и осум изборни процеси, на радарот на демократијата, Република Македонија се наоѓа во густа магла, сé уште длабоко проблематична во ужасните социо-економски услови од нејзиното секојдневно постоење. Од 2006 година, избирачкото тело мина осум пати низ редовни и предвремени локални, претседателски и парламентарни избори, од кои повеќето ги доби ВМРО-ДПМНЕ со помала или поголема убедливост и нивниот етнички албански коалициски партнер - Демократска унија за интеграција (ДУИ). Денес, тие ја водат државата со речиси двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија (парламентот) од 123 пратеници, од кои ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратенички места а ДУИ 19. Во последно време, сред длабоката политичка криза со која Македонија се соочува, и двете политички партии изгубија по неколку пратенички места, од причина што некои од нивните пратеници ја напуштија коалицијата, но нивното мнозинство сé уште цврсто се држи во парламентот.
Покрај многуте суштински недостатоци на сé помалата демократија во државата, популарноста на Груевски меѓу гласачите е значителна – барем меѓу оние етнички Македонци кои всушност, гласаат. Јавните анкети покажуваат дека политичкиот продукт на ВМРО-ДПМНЕ е атрактивен за голем број македонски граѓани, речиси исклучиво етнички Македонци. А за тоа постојат неколку добри причини...
Неколку клучни “идеолошки„ платформи ја претставуваат основата на цврстата контрола што Груевски ја има над моќта на државата.
2.Најпрво, во годините изминати на власт, тој создаде мошне широко клиентистичко општество кое сé уште се шири и кое го сочинуваат различни општествени слоеви и аспекти.
Најзначајната група – и најсилната партија и политичка клиентела на Груевски – се состои од вработените во јавната администрација. Овој сé порастечки конгломерат, бавно но сигурно, достигнува 15% од вкупното македонско население од[1] 2 милиони население кое е во опаѓање и над 30% од вкупниот број на вработени лица во државата. Како пример, кога Груевски дојде на власт во средина на 2006 година, имаше 96.000 вработени во јавниот сектор, што се сметаше за превработеност од 5-10.000 бирократи. Откако се вработија уште нови десетици илјади од страна на државата[2] и партиската книшка стана круцијалниот критериум за вработување, како и лојалноста да се гласа за една од политичките партии на владеачката македонско-албанска коалиција[3]. Според широко распространетите приказни во медиумите, секој нововработен член на ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди околу десетина имиња и адреси на политички неопределени лица кои изразиле подготвеност, со потпишување и обезбедување лични податоци во одредени партиски формулари, да гласаат за партијата на следните локални или парламентари избори.
Ваквата агресивна државна политика на вработување, заедно со големиот број на работоспособно население кое ја напушти земјата[4], ја намали стапката на невработеност во земјата од официјалните 34% од крајот на минатата декада, на околу 26% во изминатите пет години. Но, според Светската банка, околу 50% од младото население е сé уште невработено.
Другата поголема општествена група која се наоѓа под посебно внимание е конгломератот од околу 300.000 пензионери во Македонија. Пензионираните лица никогаш не се сметале за силна гласачка основа за ВМРО-ДПМНЕ, така што се разви цел пакет привилегии во последните десет години, со цел да се привлечи нивната политичка припадност повеќе кон популистичката десница: бројни бесплатни услуги во делот на јавниот превоз и јавното здравство заедно со скромен, но постојан пораст на пензиите, покрај сé поголемата дупка од милиони евра на годишно ниво во државниот пензиски фонд, што моментално се покрива со месечните трансфери од државниот буџет.
На крајот, околу 190.000 земјоделски семејства во Македонија влегоа во фокусот на вниманието со обемните државни субвенции кои се доделуваа во аграрниот сектор. За појаснување, ако во 2006 година само 12.7 милиони евра биле доделени како финансиска помош од Министерството за земјоделство, сумата предвидена за државни субвенции во земјоделството во периодот 2007-2015 година изнесуваше над 800 милиони евра, иако, всушност, беа доделени околу 500 милиони евра. Ваквата политика продолжува и покрај фактот што поголемиот дел од статистичките податоци во делот на македонското земјоделство, покажуваат трендови на стагнација, па дури и на пад, во последните десет години, со намалено земјоделско производство, намален број на домашни животни, намален број на обработлива површина, послаби резултати од жетва во одредени клучни земјоделски области, пониски нивоа на извоз на храна и зголемен увоз на земјоделски производи во повеќе земјоделски сектори. Така што, или државните пари не се доделени до самите земјоделци, или лицата кои што ги добиваат парите, не ги инвестираат истите во земјоделството – или, и едното и другото. Релевантни земјоделски експерти се согласуваат дека иако е добро што државата го поддржува земјоделството, дека сепак, тоа го прави без вистинска развојна стратегија и контрола врз доделувањето на субвенции.
За понатамошна илустрација за вистинскиот капацитет на македонскиот земјоделски сектор може да послужат статистичките податоци на ЕУ и ИПАРД програмите: во периодот од 2007-2013 година, Македонија има искористено 4 милиони евра од вкупно 87.5 милиони евра расположиви преку европските фондови за претпристапна помош во делот на земјоделството и руралниот развој. Ваквите трендови не се промениле значително во 2014 и 2015 година.
Но, ако земјоделските резултати сé уште не дале принос, политичката и гласачката поддршка за Груевски од овој сегмент на општествето постојано тече во големи клиентски количини!
Ваквата “хумана димензија“ на владеачката стратегија на ВМРО-ДПМНЕ произведе голем број на луѓе на победничката страна на социо-економскиот подиум во Македонија. Понатаму, оваа стратегија не сопре само во споменатите области, бидејќи преку целосна контрола на различни државни средства, со употреба на силни политички и правни притисоци, владеачките партии “киднапираа“ поголем дел од останатите структури во општеството, вклучувајќи ја деловната заедница, судството, невладиниот сектор, медиумите, синдикалните организации, спортските клубови, професионалните здруженија, итн. Македонската демократија, во најширока смисла на тој израз, никогаш не била политички неутрална зона, но Груевски всушност, ја претвори партизацијата во правило за речиси секое јавно или професионално ангажирање во државата.
Како резултат на тоа, “ВМРО-зираната“ општествена елита – новопечената елита, од која некои многу богати, а други не толку – ја замени старата, поранешна и пост-социјалистичка елита во сите сфери на политичкиот и јавниот живот во земјата. Пред претходните избори, опозицијата објави списоци на високи функционери од владеачката партија и на членовите од нивните најблиски семејства, кои успеале да се здобијат со станови и куќи во поскапи населби во главниот град Скопје, но кои заборавиле да го пријават својот имот пред државните и антикорупциските органи. Бидејќи ова антикорупциско треба-да-биде независно регулаторно тело беше окупирано од страна на членовите на владеачката партија – исто, како и поголемиот дел од наводно независните регулаторни, судски или надзорни структури во земјата – нема никаква значајна реакција од државните антикорупциски функционери.
3.Вториот значаен столб на извонредниот успех на Груевски е поврзан со целиот комплекс на историското и современото разбирање за македонскиот идентитет. Накратко интерпретирано, тоа претставува спој на традиционалниот македонски национализам „надграден“ со популистичкото сфаќање дека само “луѓето“ – во смисла на старогрчкиот лаос (целото население), а не демос (граѓани со политички права) – се вистинските општествени и политички сили за промена (или, во македонскиот случај, за гарантирање) на статус-кво и за осознавање на границите и длабочините на националниот суверенитет. Како што е веќе добро елаборирано во теоријата на полтичките науки посветени на феноменот популизам, токму оваа мобилизација на самопочитта на “луѓето“, ќе ѝ донесе спасение на нацијата, а не некоја медиокритетска “евроинтеграција“. Ваквото секојдневно спасеничко-управување, го претставува главниот политички повик на Груевски, во чии рамки процесот е позначаен од резултатот. Доколку ја разбирате патриотската, онолку колку и божествената цел на овој напор – тогаш тоа ќе ве ослободи!
Во пропагандистички смисла, тоа значи дека македонската нација е најстарата нација на Балканот; дека античките корени на македонскиот јазик може да се проследат долго пред Христа; дека Македонија се споменува во Библијата и како таква заслужува посебна почит од секого; дека Александар Македонски бил наша крв; итн... Сите овие тврдења се поткрепени со податокот за најголениот број на споменици, неокласични и необарокни згради по метар квадратен во Европа. Исто така, тоа значи дека сега познатиот проект “Скопје 2014“ – со кој некогашниот архитектонски незабележителен главен град на Македонија се трансформира во сегашен, неворојатен главен град на урбаниот кич во Европа, треба да го чини државниот буџет речиси 650 милиони евра – до сега[5]!!
“Тоа е погрешен и мошне скап проект, но барем нешто се гради“, е реакцијата на повеќе етнички Македонци, кои не мора да значи дека се приклонети кон новата антиквизациска фасцинација. Тие очајно имаа потреба нешто да сторат, иако погрешно, нешто со што ќе покажат амбиција и напредок, наспроти бескрајната парадигма на “социо-економска и политичка транзиција“, мантра толку карактеристична за нивните животи (или на нивните родители), поминати во претходните две декади на пост-југословенската депресија, и, да, транзиција.
Звучи празноглаво, но, всушност, тоа му успева на Груевски! По речиси две декади на вето од Грција против македонско членство во ЕУ и НАТО, многу етнички Македонци се чувствуваат политички фрустрирани и постојано социјално несигурни, ценејќи ја сегашната владеачка парадигма на стабилност и национална гордост повеќе отколку комплицираните барања на демократската трансформација, претставени низ процесот на евроинтеграција. Во провладиниот печат во Македонија – што значи повеќе од 90% од медиумите во државата – ЕУ постојано се наоѓа на насловните страни со негативни вести, за тоа дека се наоѓа на работ на сопственото распаѓање и дека не вреди државата да вложува напори за членство во истата. Всушност, ниту едни лоши вести во однос на ЕУ и САД не се доволно значајни, за да не бидат објавени во македонскта јавност.
Всушност, процесот на маргинализација на Европската унија во Македонија добива видливи избирачки резултати во последната декада. Доколку, според бројките на Евробарометарот на ЕУ, во 2006 и во 2007 година, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во Македонија, поддршката за македонското членство во ЕУ се движела околу 75%-76% од испитаниците; во 2013 година оваа поддршка одвај изнесува околу 50%, паралелно со растечкиот тренд на негативната перцепција за ЕУ, во истиот период, кој од 18% во 2007 година се искачува на 28% во 2013 година.
Локалните јавни анкети[6] во повеќе социо-демографски детали ги покажуваат следните трендови: во 2014 година, голем дел од мнозинството (91%) од етничките Албанци во Македонија, лица со завршено средно образование (74%) и симпатизери на СДСМ (68%) се согласуваат дека ЕУ членството на Македонија би било нешто што е добро, во споредба со многу помалиот степен на поддршка изразена од страна на етничките Македонци во државата (54%), и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ (53%).
Но, ваквата негативна спирала на негативни чувства меѓу македонските граѓани кон ЕУ, претставува комбиниран резултат на два конкурентни фактори: не само незаинтересираноста на власта во Скопје за процесот на ЕУ интеграција, туку и се поголемата индеферентност на Брисел за случувањата во Македонија, и тоа сé до политичката и безбедносната криза во 2015 година. Доколку грчката стратегија за непризнавање на македонската национална држава (што ја претставува политиката зад спорот со името) имаше за цел да ја изолира и намали македонската позиција на регионална и меѓународна сцена, може да се каже дека моментално сме сведоци на моќниот исход од таа стратегија.
(Продолжува)
[1] Треба да се има предвид дека според официјалните податоци околу 300,000 лица ја иммат напуштено државата во последните десет години, од кои повеќето во потрага по подобар живот во странство. Ваквиот современ егзодус, кој сега се состои од цели семејства, може до одреден степен да се илустрира со официјалните податоци за првоодделенчињата, запишани во основните училишта низ Македонија: во источниот и западниот дел на земјата, од 2008 до 2012 година, статистичките податоци укажуваат пад на бројот на првоодделенчиња за околу 10%.
[2] Нема сигурни податоци за таа бројка, ниту јасна дефиниција што точно значи “јавна администрација“ во Македонија. Во различни прилики, различни високи државни претставници дале различни и растечки броеви за овој вид на вработени лица, последниот објавен во медиумите покажува околу 165.000 лица кои Македонија наводно ги пријавила на Европската комисија при една комуникација при крајот на 2013 година.
[3] Неодамна, висок државен функционер потврди дека неколку илјади вработени лица во јавната администрација добиваат редовни месечни плати, но дека седат дома, без воопшто да се појавуваат во канцеларија.
[4] Постојат различни бројки и цитирани се различни неофицијални извори, објавени во македонските медиуми, за македонски граѓани кои се иселиле надвор од државата во последните 10-15 години, и тоа од 300.000 до над 600.000 лица. Сегашната етничка македонско-албанска владеачка коалиција не можеше политички да се договори како и кога да се спроведе нов попис на македонското население, што требаше да се спроведе во 2011 година. Но, повеќето експерти се согласуваат дека масовната миграција е еквивалентна на еден современ егзодус и тоа не само на “најдобриот и најпаметниот“, туку и на секој што е во потрага по работа и подобра иднина за својата помлада генерација.
[5] Детална и кохерентна анлиза на проектот “Скопје 2014”, поткрепена со сите официјални документи, слики/видео снимки, прегледи, автори, тендери и други аспекти на овој мегаломански градежен проект може да се најдат на македонски и англиски јазик на следниот линк: http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/en
[6] Маричиќ, Б. и Петковски, Љ., “Еврометар”, Работен документ, Македонски центар за европско образование, Скопје, Април 2014