Груевски најави базен во Шутка, каде во лето нема вода за пиење!

Изградба на отворен, голем пливачки базен и еден помал базен во општината Шуто Оризари, викендов најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Оваа идеја би била добра, ако во Шутка нема хроничен недостаток на вода. Во летниот период, жителите на оваа општина немаат вода ниту за пиење! Затоа, стои прашањето: Како ќе се наполнат базените што ги најави Груевски? Ќе се донесе вода со цистерни?

Пишува: Дехран Муратов

Пишува: Дехран Муратов

Навистина, во мај минатата година, Општината Шуто Оризари, Градот Скопје и Министерството за финансии потпишаа договор за реализација на проект за водоснабдување во Шуто Оризари, но избрзаната најава за изградба на базен,  наликува  на понуда на патики за трчање на некој инвалид.

Груевски 10 години беше премиер на Република Македонија, и не успеа да го реши проблемот со недостаток на вода во Шуто Оризари, Ама затоа, сега пред избори, на жителите од Шутка им ветува базени. Дали со изградбата токму на базени во Шутка, ќе се реши проблемот со дискриминацијата што се прави врз Ромите? Дали идејата произлезе од грдиот факт дека во нечии умови сé уште е врежан наци-ставот: „Забранет влез во (базен, диско, кафеана...) за кучиња и Цигани?“ Дали зад најавата на Груевски дека ќе се градат базени во Шутка, се крие уште пожестока сегрегација на Ромите, како мнозинско население во Општината.

Во перманетната предизборна кампања, редовно се ветува дури и невозможното. Па, така, и ветувањето за базените, може да држи вода. Но на жителите во Шутка далеку побитна и попотребна им е водата. Онаа, за пиење, за туширање, за перење  алишта и садови, вода... за подготвување на ручек...

Во Шуто Оризари покрај недостатокот на вода за пиење, недостасува и подобра инфраструктура, подобра канализација... Улиците се ископани, некои се и без улично осветлување... Викендов, бев со другарче на пазарчето во Шутка, да купам нешто и речици цел час се вртевме со автомобилот, за да најдеме паркинг. На крај, моравме да паркираме на тротоар и да му платиме 50 денари на еден човек кој ни рече дека „тротоарот е негов“. Затоа, потребно е да се изгради и паркинг, за да може граѓаните да ги паркираат автомобилите. Иако, рака на срце, покрај продавањето гардероба на пазарчето, еден дел од Ромите заработуваат и од „паркинг – услугите“.

По не знам кој пат ќе потенцирам и апелирам - дека на жените во Шутка им е итно потребна Гинеколошка ординација. На жителите им се потребни и библиотека, или Ромски културен центар, или театар, до кои би дошле по асфалтирани улици... Секако, во некој убав ден, на ред би дошле и базените...

Оваа вест е достапна и на: Albanian