Нема услови за одржување слободни избори во Република Македонија!
Партиите на власт, не само што не дозволуваат да се создадат услови за слободни избори, туку ја впрегнаа целата партиско-државна машинерија што им е на располагање во попречување на процесот на демократизација на земјата. Со киднапирање и злоупотреба на сите институции на национално и локално ниво, власта неуморно работи на создавање услови за уште една груба манипулација со гласачкото тело и изборна кражба.
Со континуирано кршење на Договорот за надминување на политичката криза, потпишан во Пржино на 2 јуни и 15 јули 2015 година, со непотполно, манипулативно избегнување на обврските преземени со тој договор и со масивна злоупотреба на администрацијата, медиумите и јавните пари, власта досега успеа во целост да го обезвредни политичкиот договор и предвремените парламентарни избори. Спротивно на Уставот, законите и меѓународното право и стандарди, власта веќе со години спроведува структурно насилство, дискриминација и кршење на човековите права и слободи.
Политичката корупција, застрашувањето и рекетот на сите нивоа во општеството, стана секојдневие на граѓанките и граѓаните на Република Македонија.
Политичките елити во Македонија никогаш не ја испуштија алатката за манипулација со меѓуетничките и меѓуверските односи од рацете. Од воениот конфликт во 2001 година, до безбедносната криза во Куманово на 9 мај 2015 година, па сѐ до провокациите со спомениците, вклучувајќи го и двоглавиот орел во општина Чаир... Партиите на власт, оваа алатка за сеење омраза и поделби по етничка и верска основа ја усовршија особено во поглед на дефокусирање на домашната и меѓународната јавност. Проблемите со соседите и бегалската криза, премногу проѕирно, ги користат како уште една чадна завеса и адут во одолговлекувањето на процесите, односно, уценувањето на меѓународната заедница.
Со злоупотребата на меѓуетничките и меѓуверските односи, партиите на власт имаат цел да го одвлечат вниманието од своето неодговорно работење, криминалот, злоупотребите на моќта, расипништвото и арогантното однесување кон судбината на идните генерации.
Власта со години води беспоштедна битка против политичките опоненти кои ги третира како смртни непријатели. На црната листа на власта се наоѓа и меѓународната заедница со параноичните теории на заговор против Македонија. Организациите на граѓанското општество се демонизираат како странски шпиони и предавници. Се води систематска хајка против критички настроените граѓани, а со парализирање на слободната мисла и задушување на медиумите, се држи во заложништво целото општество.
Користејќи ги искуствата од изборното набљудување од 2008 година наваму, како и набљудувањето на последиците од долгогодишната политичка криза и отсуство на политички дијалог во земјата ЦИВИЛ – Центар за слобода, ги набљудува општествено-политичките состојби. Во тој контекст, ЦИВИЛ перманентно ги набљудува политичкиот процес и подготовката на предвремените парламентарни избори од јануари 2015 година, со своите набљудувачи распоредени во целата земја.
Со секојдневно известување за своите наоди, ЦИВИЛ во повеќе наврати ја алармираше домашната и меѓународната јавност за злоупотребите и вистинските причини поради кои досега не се создадоа услови за одржување на слободни избори во Република Македонија.
ЦИВИЛ и пред десет месеци бараше оставка на целата Влада, како единствен логичен завршеток на политичката криза, одговорност за злоупотребите и криминалот за кои има индикации во прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата, а дури потоа, воспоставување на привремена експертска влада која ќе спроведе брзи, но суштински реформи.
Тој процес подразбира: ревизија на Изборниот законик, промена на изборниот систем со кој Македонија ќе биде една изборна единица, воведување отворени листи, прочистување и подобрување на начинот на кој се формира и ажурира Избирачкиот список, целосна реформа, професионализација и департизација на Државната изборна комисија, реформи, департизација и професионализација на Управниот суд, како втора и конечна инстанца во жалбената постапка во рамки на изборните процеси, ослободување на медиумите, пред сѐ, на јавниот сервис МРТВ, како и професионализација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
На крајот, сакаме да го поздравиме конечното будење на дел од граѓанските организации, кои повеќе години изгледаа како да имаат проблеми со видот, слухот и говорот пред газењето на гласачките права и тешките изборни кражби за кои сведочеше токму ЦИВИЛ. Им благодариме за тоа, бидејќи на ЦИВИЛ, не сакајќи, му отстапија простор за доследна и пожртвувана работа и со тоа да добие огромна поддршка и доверба од граѓанките и граѓаните.
Сега е крајно време, поради многуте пропуштени „вистински моменти“, конечно, сите да продолжиме, со отворени сетила, кон слободни избори, здраво граѓанско општество и демократска Македонија.