ЦИВИЛ – Центар за слобода објавува Јавен повик до граѓанките и граѓаните на Македонија за пријавување за позиции во проектот за изборен мониторинг – „Напред!“. Без оглед на тоа во кој термин ќе се одржат изборите, во наредните две недели ќе бидат селектирани над 180 кандидати за различни позиции во проектот „Напред!“. За селектираните кандидати, ќе се обезбеди обука од врвни познавачи на изборното набљудување од составот на ЦИВИЛ и ГОНГ (Хрватска).
Проектот предвидува учество на 14 долгорочни набљудувачи (регионални координатори) и 14 асистенти на координаторите кои ќе бидат активно вклучени во проектот 60 дена пред денот на изборите, 150 краткорочни набљудувачи (на денот на гласање) и мобилни тимови за мониторинг и поддршка.
Апликации за регионални координатори ќе бидат прифатени од жители на: Скопје, Велес, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Прилеп, Битола, Гевгелија, Струмица, Штип, Кавадарци и Кочани. Сите останати позиции можат да бидат пополнети со кандидати од сите општини во Македонија. Апликациите треба да пристигнат најдоцна до 10 март.
Апликантите треба да испратат кратка биографија, мотивациско писмо и фотографија на [email protected]. Дополнителни информации може да се најдат на www.civil.org.mk или Фејсбук страницата на ЦИВИЛ. Заинтересираните може да се јават и на телефоните: 02 / 520 91 76 или 075 / 565 830 од 09-17 часот секој работен ден.
Посветеноста, одговорноста и објективноста се императив за сите учесници во овој проект!
Придржувањето кон овие принципи мора да биде бескомпромисно и целосно.
Секој кандидат за набљудувач во рамките на проектот „Напред!“ треба да потпише изјава дека не е партиски функционер, активист на политичка партија или независен кандидат, ниту член на тело за спроведување на изборите. Набљудувач на ЦИВИЛ не може истовремено да биде набљудувач на друга акредитирана организација која спроведува изборен мониторинг.
Набљудувачите ќе ги доставуваат информациите и извештаите само до проектниот тим на ЦИВИЛ и нема да го споделуваат тој материјал со никој друг.
Квалификациите и стручната подготовка на кандидатите за учество во набљудувачкиот тим на ЦИВИЛ имаат влијание, но немаат пресудна улога. Најважни се човечките квалитети на кандидатите, нивната посветеност и почитувањето на принципите на непристрасност и објективност.
Оваа вест е достапна и на: Albanian