ЦИВИЛ – Центар за слобода организира тркалезна маса и мултимедијален настан „Уметниците за човекови права“ на 29 март (вторник) во ГЕМ Клуб и Менада, со почеток во 18 часот.
На тркалезната маса се поканети видни уметници кои ќе дискутираат за општествената улога и одговорноста на уметниците во услови на ерозија на демократијата, автократија, структурно насилство и континуирано кршење на човековите права и слободи.
ЦИВИЛ ќе презентира нацрт-заедничка изјава во која, меѓу другото, се вели: „Уметниците имаат моќ да го менуваат светот со своите дела и со своите настапи во јавноста. Со самиот чин на творештво, уметниците најизворно ја манифестираат заложбата за слобода на изразувањето, едно од фундаменталните човекови права. Како никогаш порано, уметниците денес се исправени пред обврската да го кренат својот глас против неправдите и деструкцијата.“
На програмата е изложба на ликовни дела, видео проекции, поетско читање и музичка програма. Ликовни дела ќе изложат Јана Куновска, Мирослав Стојановиќ – Шуки, Касиопеја Наумоска, Дороти Пачкова, Валентин Димановски и Верица Димеска. Џабир Дерала ќе се претстави со поетско читање од збирката „Кој ќе ја плати сметката?“ и со кратко видео за сатиричниот проект „Ние сме вистината“. Музичката програма на настанот ја подготвува Владимир Милчин.
Во текот на програмата, екипата на ЦИВИЛ Медиа ќе прави кратки видео-разговори со учесниците и ќе прави фото-петиција за #СлободниИзбори.
Поканата за учество на тркалезната маса, поетското читање и другите содржини на мултимедијалниот настан „Уметниците за човекови права“ е отворена за сите уметници, културни и медиумски работници, љубители на уметноста и активисти за човекови права.
Хаштаг на настанот е #a4hr (Artists for Human Rights).
Настанот е во рамките на Годишната програма на ЦИВИЛ – Центар за слобода, поддржана од програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.
Оваа вест е достапна и на: Albanian