Државната изборна комисија, денеска започна со теренска проверка на 100.436 неконзистентни записи, распоредени на 89.383 граѓани во сите 80 општини во Република Македонија. Како што соопштија на денешната седница на ДИК, на терен моментално работат 727 анкетари.
Членовите на ДИК едногласно изгласаа дека во општините Центар, Чаир, Гази Баба, Пробиштип, Дебар и Гостивар, ќе се зголеми бројот на анкетарите кои ќе имаат обврска да ја проверат фактичката состојба на терен.
Чаир е општина со најголем број на неконзистентни записи - повеќе од 17.000.
Заедно со анкетарите, на терен има и набљудувачи од четирите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино, кои немаат право да влегуваат во комуникација со лицата кои се анкетираат при теренските проверки.
Како што информираа од ДИК на денешната јавна седница, со исклучок на технички проблеми во Крива Паланка, како и доцнења од набљудувачи од политичките партии, првиот ден од проверката се одвива без поголеми проблеми.
Седницатa на ДИК на која на дневен ред е Извештајот за прогресот во спроведувањето на теренските проверки на Избирачкиот список, сé уште е во тек. Според дневниот ред, денеска ќе се разгледува и можноста за објавување на неконзистентните записи од вкрстените проверки на Интернет страницата на ДИК, како и барањата од Мисијата на ОБСЕ, МОСТ и Синергија - за набљудување на теренските проверки.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian