Уметниците за човекови права

Уметниците имаат моќ да го менуваат светот со своите дела и со своите настапи во јавноста. Со самиот чин на творештво, уметниците најизворно ја манифестираат заложбата за слобода на изразувањето, едно од фундаменталните човекови права. Како никогаш порано, уметниците денес се исправени пред обврската да го кренат својот глас против неправдите и деструкцијата.

Уметниците можат да му подарат на човекот свест и знаење за човековите права и слободи. Тие се израз на способноста на општеството која води кон негово ослободување и отворање кон цивилизациските вредности и високите идеали за човечност, правда и еднаквост меѓу луѓето. Со своите пораки и јавни настапи, уметниците имаат моќ да му дадат нов, повисок квалитет на животот на едно општество.

Општество во кое уметниците ги поддржуваат човековите права и слободи неминовно е бунтовно и покажува повеќе отпорност кон назадните, криминалните и автократските тенденции. Уметниците се дел од општествената гласност и постојано трагаат по повеќе правда, слобода, еднаквост и демократија за сите луѓе подеднакво, без оглед на нивното потекло, припадност или социјален статус.

Тоа е голема одговорност.

Неискористувањето на позицијата да донесат позитивни промени во општеството, молкот пред неправдата и насилството, колаборационизмот со деспотските постапки на политичките и финансиските центри на моќта, ги прави уметниците соучесници во криминалното и автократско владеење во една земја.

Уметниците во Република Македонија се повикани, повеќе од кога и да е, да го кренат својот глас во одбрана на човековите права и слободи, а против автократското владеење кое донесе мизерија и разградување на цивилизациските вредности, структурно насилство, изборни кражби и нелегитимно владеење на тесен круг моќници кои ги заробија општеството и државата.

„Скопје 2014“ е само уште една илустрација за една насилничка, вулгарна и безумна власт. Стотици милиони евра на даночните обврзници на Република Македонија се злоупотребија во нетранспарентни зделки кои го нагрдија лицето на главниот град и нанесоа несогледливи штети за целото општество. Тоа стана симбол за една арогантна и насилничка власт. Нарачателите и креаторите го претворија главниот град во гротеска, една подбивна слика за тоа какви лудости можат да направат една авторитарна власт во спрега со послушници меѓу уметниците.

И тоа не застана тука.

Културата, образованието и медиумите се претворија во карикатури преку кои граѓанките и граѓаните на Република Македонија се држат во мрак и понизност. Наместо слобода, демократија и почитување на човековите права, власта преку своите политики и практики во културата, образованието и медиумите промовира национализам, дискриминација и шунд. Голем број уметници беа понизни и послушни соучесници во овој процес на дехуманизирање и уништување.

Уметниците имаат моќ да му стават крај на ова лудило, само доколку ја согледаат својата моќ и вистински ја преземат својата улога која ја имаат во општеството. Со своите пораки за поддршка и застапување на човековите права, со солидарност и со поттикнување на дебатата, уметниците ја исполнуваат својата општествена улога и понесуваат одговорност за развојот на културата, образованието и медиумите во земјата.

A4HR banner 07 - CОваа изјава вчера ја потпишаа 23 учесници на тркалезната маса „Уметниците за човекови права“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Изјавата може дополнително да се потпише со испраќање кратка порака на поддршка на [email protected] или на ФБ страницата на ЦИВИЛ.

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian