Најавен како најголем народен собир, контра-протестот кој за денеска е закажан во Скопје, ги крена на нозе сите штабови на ВМРО-ДПМНЕ низ цела Македонија кои подолго време водат агресивна мобилизација на своето членство за задолжително присуство во Скопје.
Според информациите и извештаите од теренот, кои пристигнуваат во ЦИВИЛ од Битола, вработените добиваат слободни денови и мораат да испратат порака со име и презиме како потврда дека ќе се присуствуваат на контра-протестот. Присуството, секако, е задолжително.
Начинот на кој се врши мобилизација на партиското членство, според информациите од долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, во Охрид предизвикува револт кај дел од партиските активисти кои мораат денеска да дојдат во Скопје.
Активна мобилизација се врши и во Крушево. “Според информациите што ги добив од локално полициско службено лице, она што се бара од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ е да соберат околу 500 луѓе. Истиот извор ме известува дека вработените во полиција и образование, припадници или вработени од владејачката партија, се мета на закана дека, доколку не присуствуваат на најавениот контра-протест, нивните договори за работа нема да бидат продолжени”, стои во информацијата која пристигна во ЦИВИЛ од Крушево.
“Директорот на болницата во Гевгелија, Сретко Јованов продолжува со своите партиски задолженија. Во 14:30 ги свикал на разговор волонтерите, оние вработени со договор на дело, но и оние кои добиле решенија 'благодарение на партијата', да ги извести да се подготват за контра-протестот денес. Разговорот и насоките се одвивале за време на работното време во една од просториите на болницата додека пациентите надвор чекале. За присуството немало дискусија, се подразбирало дека е ЗАДОЛЖИТЕЛНО. Тргнувањето е денес околу 16 часот со автобуси од пред Спортската сала во Гевгелија”, стои во извештајот од терен, кој пристигна од набљудувачот на ЦИВИЛ. Информациите се добиени од вработена, присутна на разговорот, која сака да остане анонимна.