Административците низ цела Македонија се под невиден партиски притисок.
Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ – Центар за слобода, распоредени низ целата држава, само во изминатите седум дена поднесоа извештаи за притисоци и уцени врз вработените во јавната администрација на централно и локално ниво во 12 општини. Заканите доаѓаат од раководните лица и од партиските војници на партиите на власт. Тие секојдневно вршат притисок врз административците да присуствуваат на контра-протестите, кои ги организира власта, затскриена зад Граѓанското движење за одбрана на Македонија.
Десетици вработени во администрацијата низ цела Македонија, се жалат на жестоките притисоци и сведочат дека мораат да стават потпис на списоците за учество на контра-протестите, бидејќи веќе идниот ден може да се соочат со казни, деградација, па и отказ. Некои од нив изразија и стравувања по нивната безбедност.
ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш остро ги осудува притисоците врз вработените во администрацијата и ја повикува власта да се откаже, еднаш засекогаш, од противзаконското делување и продолжено политизирање на институциите.
Со ваквите дејствија, партиите на власт директно го кршат Законот за заштита од вознемирување на работно место и вршат психичко вознемирување на вработените во државните институции. Со таквите постапки, власта директно го повредува достоинството, честа и угледот на вработените, како и нивните основни човекови права и слободи, гарантирани со Устав и закон. Систематски се предизвикува чувство на страв, непријатност и понизност.
Овие партиско-политички притисоци и дискриминација врз основа на политичка афилијација мораат веднаш да престанат. ЦИВИЛ прибира докази и сведоштва за масовната злоупотреба и кршење на човековите права и слободи и ќе инсистира прекршителите да бидат соодветно санкционирани.