Настанот кој се одржа под мотото „Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, предизвика голем интерес кај граѓанките и граѓаните на Битола. Видеата и фотографиите кои беа презентирани на плоштадот "Магнолија", пред Магазата, го задржаа вниманието на стотиците битолчани, кои синоќа како и во изминатите месец дена протестират против аболицијата на претседателот Иванов, и бараат оставка од градоначалникот Талески, про тив кого СЈО води истрaга.
На јавниот настан, кој е дел од проектот "Граѓански објектив", се обрати Илија Балтовски, од граѓанското здружение "За нас се работи", кој зборуваше за медиумскиот мрак во државата и за ЦИВИЛ - Центар за слобода кој преку овој проект ги поттикнува граѓанските новинари да испраќаат видео и фото содржини, кои сведочат за прекршување на човековите права и слободи, затоа што на тој начин придонесуваат кон подобрување на медиумското известување во земјата
Џабир Дерала од ЦИВИЛ, ги претстави трудовите на граѓанските новинари, кои како што истакна тој "се содржини кои не можат да се видат на јавниот сервис, на режимските телевизии и веб портали кои се платени од наш џеб".
Покрај наградените трудови, битолчани имаа можност да проследат видео материјали подготвени од граѓанските новинари, снимени за време на протестите во Битола. Граѓанките и граѓаните на Битола, имаа можност да се информираат за проектот и за условите за учество во наредните месечните натпреварувачки циклуси. Со музика, проекции и разговори, ЦИВИЛ успешно го промовираше граѓанското новинарство и во овој град.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе за развој на граѓанското новинарство во земјата. Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси. Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право низ интерактивна и динамична активност, која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со создавање и прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.
Марија Теговска