Звонко Давидовиќ: Полицијата неовластено ги снима демонстрантите!

„Тоа што го снима полицијата не е валиден доказ затоа што е неовластено снимање!“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ кој ги застапува активистките А.К. и И.С. кои денеска беа повикани на информативен разговор во полициската станица Центар. Давидовиќ изјави дека аргументите на полицијата биле дека активистките се товарат за учество на протестите на Шарената револуција поради тоа што боеле културно-историски споменици, како што е Триумфалната капија и дека најверојатно ќе има кривична постапка.

„Морам да го пофалам командирот на полициската станица БЕКО. Тој е правник и ги разбира работите. На полицијата ѝ е укажано дека, според Законот за јавна чистота, никогаш нашите клиенти не биле сопрени од униформиран полициски службеник, дека нивните цивилки не вредат ништо според Законот и ако лицето не е легитимирано од полициски службеник или комунален инспектор, прекршокот не е констатиран. Полицијата тоа го разбра, платните налози не ги издаде, а ни беше соопштено дека имаат фотографии како докази. Кога ги побаравме фотографиите ни беше кажано дека не можат да ги користат како докази.“ - изјави Давидовиќ.

„Ова сакам сите да го знаат! Наредба за посебни истражни мерки за вакви кривични дела нема, а ниту можат да добијат таква наредба. Она што го снима полицијата не е валиден доказ затоа што е неовластено снимање!“ -  потенцира адвокатот Давидовиќ.

Понатаму, тој изјави дека на полицијата ѝ укажал дека, доколку бидат употребени фотографиите како докази, тој ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба против министерот, директорот, командирот на полициската станица и инспекторите.

„Најверојатно тоа нема да го направат, едноставно се разделивме без никаков записник и затоа и ги пофаливме“, рече Давидовиќ.

На прашањето од новинарите дали тие фотографии не можат да се користат ниту за кривично гонење, тој одговори:

„Не, не смеат, дури и пред суд ќе се докажуваме дали се тие фотографии и снимки валидни, односно, како што тие велат 'крпено, сечено, лепено...' Овде не се работи за крпени и лепени материјали, туку тие правно не постојат, затоа што не се направени од овластено лице, бидејќи мора да има наредба. Не може да ни докаже ни дека таа фотографија е направена на тоа место во тоа време.“

На прашањето дали во иднина може да се издаде наредба за посебни истражни мерки за уништување на историско културно наследство, Давидовиќ, исто така, со охрабрувачки вести за демонстрантите:

„Не, не можат, се знае дека тоа се тешки кривични дела, но што се однесува до Триумфалната капија, тоа е нов објект... Ние не можеме да го прифатиме тоа што некое референтче донело одлука дека е културно-историски споменик. Класификацијата за културно-историски споменици е строга и точно се знае како се носи. Ако дојде до судска постапка ќе мораме и тоа да го провериме“.

Дехран Муратов