Левица бара укинување на мерката притвор за Савевски и Куновски

Членовите на партија Левица денеска пред Основниот суд Скопје 1, побараа да се прифати предлогот за укинување на мерката домашен притвор за нивните членови Здравко Савески и Владимир Куновски. Двајцата демонстранти кои се товарат за демолирање на Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, се во домашен притвор веќе 36 дена, а според Левица тие најверојатно ќе бидат задржани до максималниот законски рок од 60 дена.

Професорот Бранимир Јовановиќ од Левица, рече дека бараат од Апелациониот, како второстепен надлежен суд, да ја прифати жалбата којашто беше поднесена вчера - за укинување на мерката домашен притвор на членот на Президумот на Левица, Савески и на членот на Централниот комитет на Левица, Куновски.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=EkpKt9ze7tI[/youtube]

„Ваквата мерка во конкретниот случај е престрога, со оглед на доказите со кои располага Обвинителството, и со оглед на тоа што двајцата немаат никакви прекршоци во минатото. Според наши информации, мерката е изречена под силни притисоци на претседателот на Судот Владимир Панчевски и обвинителката Снежана Бундалевска. Тоа само покажува дека станува збор за политичка мерка којашто има цел да ја ослаби Левица и целосното протестно движење. Случувањата последните денови, кога беа приведувани, повикувани на информативен разговор и легитимирани учесници на протестите, потврдуваат дека е така. Иронијата е дека во истовремено, се случува лица кои се осомничени за тешки криминали да бидат помилувани од Претседателот, а лица кои протестираат против тоа, се приведувани и се држат во куќен притвор. Но, и покрај тоа што нашето правосудство е расипано, ние веруваме дека се уште постојат судии кои што имаат професионален интегритет и чест и ќе ги почитуваат правото и законите и ќе пресудат во корист на нашите соборци и другари“, изјави Јовановиќ.

Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: Albanian