Продолжуваат притисоците во форма на “информативни разговори” врз граѓанските активисти во Битола! Денеска на разговор во СВР Битола, бил повикан Иван Чулаковски, од граѓанското здружение “За нас се работи”, и член на "Битолското движење".
Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Чулаковски зборуваше за причините поради кои, тој е еден од повиканите во полициска станица. “Инспекторот кој го водеше информативниот разговор, ме извести дека сум повикан поради фрлање на боја врз зградата на Општина Битола, која била 'културно наследство', и според Кривичниот закон, член 243 став 2, тоа е кривично дело. На прашањето дали сум фрлал боја на 17-ти мај, за што наводно имале снимки и фотографии, истакнав дека конкретно на тој ден не се сеќавам, но секако фрлав боја неколку пати, и не планирам да го кријам тоа. Следно, случајот ќе биде префрлен во Јавното обвинителство, и оттаму ќе одлучеле што е следно”, објаснува Чулаковски.
“По 'информативниот' разговор, на што гледам како на притисок, и ништо повеќе, не планирам да престанам да протестирам секојдневно, како и досега. Тоа што градоначалникот Владимир Талески и го направи на Битола, е толку страшно, што не може ни да се спореди со тоа што битолчани и го прават на општинската зграда - наводно културно наследство ”, порача Чулаковски.