Не помагаат веќе „чадните завеси“!

Иако секогаш сум се залагал за жестока борба за искоренување на корупцијата во целото општество, а особено, во полицијата, судството, здравството, образованието..., (за уцените  и притисоците со сексуално злоставување на факултетите или во фирмите, и да не зборуваме), за акцијата „Еразмус“ на МВР и на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во која, според веќе видените и добро познатите сценарија за сеење паника низ Македонија, до заби вооружени полицајци упаднаа и во комплексот на УКИМ, едноставно, тешко можам да најдам било какво оправдување. А начинот пак, на „покривање“ на најновиот полициски спектакл од медиумските мегафони на Владата, веднаш ми создаде грд вкус во устата, навестувајќи дека се работи за уште еден проѕирен обид на власта за каков-таков спин на дневно-политичките катастрофални порази кои таа ги доживува во речиси сите сфери: од Шарената револуција - дома, до жестоките дипломатски шлаканици од странство.

Синиша Станковиќ

Пишува: Синиша Станковиќ

Откако зовреа социјалните мрежи за уште едно нарушување на автономијата на Универзитетот во стилот на холивудските акциони филмови, а Обвинителството му препушти на министерот за внатрешни работи Митко Чавков да го обелодени наводниот успех на полициската акција во која, според медиумските извештаи учествувале и „Тигрите“ (официјално, преку „делегирање“ на дел од надлежностите на ЈО на МВР), обвинителката Лидија Раичевиќ, конечно се појави во јавноста со теза дека акцијата е изведена според светски стандарди: „За половина час да организирате акција во која ќе ги обезбедите на најефикасен и најдобар можен начин доказите е за пофалба, а никако за критика. Ниедно човеково право не е нарушено, ниту законитиот тек на постапката е нарушен со било каква постапка или наредба на ЈО и МВР“.

А на критиките за начинот на изведување на акцијата и за неповредивоста на Универзитетот, Раичевиќ, децидно одговори дека „не значи дека ако има автономија, може да има кривични дела. Ќе се согласите дека автономија по дефиниција не значи анархија“, како и дека согласно Законот за високо образование, во случај кога полицијата се соочувала со затекнато лице на извршување на кривично дело или требала да спречи такво дело, можела да влезе и на просторот на Универзитетот.

Не е спорно дека сите дела на мито и корупција треба да се санкционираат според законот. Е сега, дали за осомничените осумина за примање мито - шест професори на Економскиот факултет, еден демонстратор и управителот на бифето, меѓу кои двајца се осомничени и за барање и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит - навистина постојат цврсти докази (според, Обвинителството, наводно, над осомничените две години се применувани посебни истражни мерки за следење и бил евидентиран поткуп од вкупно 2.800 евра) во некоја друга држава, би покажала истрагата и судската постапка.

Но, за жал, живееме во Македонија, држава во која од една страна полицијата прикриваше убиство на момче од полицаец додека Обвинителството си гледаше сеир, а од друга страна, имаше политички затвореници од опозицијата и на политичките неистомисленици (и на нивните семејства!?) им се закануваше завршување во ендек, за што досега никој не е повикан на одговорност. Затоа, ваквата „цврстина“ во настапот и тајмингот на прес-конференциите на министерот и обвинителката, само го зацврстуваат сомневањето дека се работи за уште една „чадна завеса“ на власта.

Со која, евентуално, треба да се потсокрие којзнае која по ред нелогичност во однесувањето на „Пишман-аџијата“ во претседателскиот кабинет и резилот со аболицијата, (но и фактот дека истиот „претседател на далечинско“ сé уште не и одговорил на јавноста како дошол до податоците за постапките на Специјалното јавно обвинителство кои се тајни, ако не се смета карикатуралната реченица - „каков сум јас претседател ако немам свои извори на информации“!?), или да се дефокусира јавноста од тешките криминални случаи во кои се вмешани политичари, или да се замаглат јасните досегашни пре-пораки на ЕУ и актуелните, на гостинот Хајндл - дека власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не може веќе да бега од потписите под Договорот од Пржино, односно, дека Македонија мора да стане правна држава. Без оглед каков став за тоа има автократската власт. (Дисциплинирањето и „смирувањето“ на судиите, јавните обвинители и јавнообвинителската администрација со зголемувањето само на нивните плати, ги предизвика 2.300 вработени во судска администрација да штрајкуваат и да најават истурање на вреќа сол за инаетливиот министер за правда Валдет Џафери од ДУИ - кој во стилот на целиот коркачки кабинет на Никола Груевски, како ѓавол од темјан бега од соочување и одговарање на новинарски прашања - што би бил само еден од протестите на дел од стотиците илјади незадоволници во државава, за со него да не се санкционираат и адвокатите, и пред сé, се оштетуваат обвинетите и притворените лица, па уште повеќе се срчосува токму правната држава и довербата во институциите на системот).

Сепак, колку и да ги насолзуваат очите на просечниот македонски граѓанин, ваквите „чадни завеси“ и медиумски спинови сé потешко врват. Сé потешко се лаже и меѓународната заедница. Време е на одбројување на последните мигови на творците на несреќата која ја нападна Македонија последнава деценија.