МВР треба да ги заштити граѓаните додека протестираат

„Министерството за внатрешни работи има законска обврска да ја гарантира безбедноста на граѓаните доколку има јавен настан, собир, протест...“, вели правниот експерт на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Сандра Гавриловска. Таа додаде дека доколку има инциденти за време на протести, МВР може да поднесе прекршочна или кривична пријава, доколку некој/а, поднесе таква пријава до полицијата.DSCN8399

Павле Богоевски, активист на Шарената револуција вели дека вчерашната блокада не беше пријавена во МВР, во смисла на нејзино најавување - 48 часа пред настанот, согласно Законот за јавните собири, со што всушност, беше искористено уставното право на ненајавен протест, но локациите на блокадите беа однапред искомуницирани со полицијата. Сепак, ова не мора да значи дека полицијата треба да стои на страна и да не презема никакви мерки.

„Доколку има мали, импулсивни и изолирани инциденти, како вчерашниот, додека беше блокирана крстосницата кај Соборен храм, полицијата треба да направи тактичка проценка дали е побезбедно веднаш да реагира или да чека редарската служба да побара помош од нив. Вчера имаше мал инцидент кој настана поради провокација и навреда во време на блокадата. МВР можеби ќе донесе тактичка проценка дека во моментот нема потреба од полициска реакција, но тоа не значи дека - нема. Има обврска да го легитимира лицето кое го направило инцидентот откако ќе се оддалечи од толпата и потоа да ги преземе сите мерки кои се во нивна надлежност. Впрочем, тоа го прават со демонстрантите по речиси секој протест. Ние немаме информации дека МВР ниту вчера, а ниту тогаш кога на протестот пред Триумфална капија еден човек физички нападна една активистка, презело какви било мерки. “, изјави за ЦИВИЛ Медиа, активистот Богоевски.

Од МВР, и покрај неколкуте обиди преку електронска пошта и телефон, до објавувањето на овој текст не добивме одговор дали е поднесена пријава за вчерашниот инцидент на крстосницата кај Соборниот храм, кога лице со мотор се втурна во демонстрантите по што беше удрен со шлаканица од еден од нив, и кои се конкретните ингеренции на полицијата ако се случат вакви или слични инциденти за време на протести.

Дехран Муратов