Поранешниот министер за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, во изминатите девет години, постојано беше дел од тимот на ВМРО-ДПМНЕ, задолжен за економски прашања. За овој период, покрај тоа што во јавноста ќе остане запаметен по телефонските разговори со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и изјавите кои се однесуваат на економските политики што ги води неговата партија: “Ние сме лудаци”, “Немаме за леб, а трошиме за чоколадо”, ќе остане забележан и во историјата на државата, за која толку многу се грижи партијата на власт, како министер во чие време јавниот долг на Македонија е зголемен дупло, односно, од 23 отсто од бруто-домашниот производ во 2008 година, во првиот квартал од 2016-та година, достигна 45 отсто од БДП или 4,3 милјарди евра!
Во неколку наврати годинава, ЦИВИЛ – Центар за слобода разговараше со повеќе експерти од оваа област, кои зборува за континуираните задолжувања на владата, за зголемувањето на долгот и товарот кој го носи државата за враќање на истиот.
Ексгувернерот на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, појасни дека “тоа што власта го соопштува како јавен долг, не е целокупниот јавен долг. Секој ден лажат во врска со вистинскиот износ на јавниот долг, затоа ја променија дефиницијата за да изгледа помал долгот, затоа Јавното претпријатие за патишта од агенција го трансформираа во јавно претпријатие, за да изгледа помалку државниот долг.”
ЦИВИЛ разговараше и со експертката за економија, која со години наназад ја следи оваа сфера, Анета Додевска, автор и водител на емисијата „Тренд“ на ТВ „24 Вести“.
„Од почетокот на годинава, само за две недели, односно, само на два аукциски дена, Владата кумулираше и создаде нов долг од 23 милиони евра! Е, сега, ова не би било изненадувачки, ако ја немаме изјавата на министерот за финансии, кој само пред два месеца, кога ја зедовме еврообврзницата од 270 милиони евра, изјави дека тие пари од тоа задолжување, практично ќе стасаат да се покријат буџетските финансирања и трошења во првото полугодие од оваа година. Со ова, практично се отвара дилемата зошто Владата само за две недели, од јануари кумулираше долг од 23 милиони евра? Па, нели, парите од таа еврообврзница требаше да стасаат за целото прво економско полугодие?”, праша Додевска која алармираше за зголемувањето на долгото уште на почетокот од годината.
“Ова покажува дека динамиката, темпото на задолжување е големо, а од друга страна, останува и она прашање – за што ги трошиме овие кредити? Ние имавме примери кога министри за финансии велеа дека земаме еврообврзница што по дифолт претставува скапо задолжување, за да ги финансираме, на пример, најавите за зголемени плати, зголемени пензии, плати на администрација и тие тековни буџетски трошења, што според мене економски не е логично и не е оправдано. Така што, јас сметам дека задолжувањата веќе претставуваат сериозен проблем”, посочи Додевска.
Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, Горан Теменугов, уредник на економската рубрика на ТВ „Алсат – М“, преку пример го објасни принципот по кој Владата се задолжува.
“За да им биде малку појасно на луѓето каков е овој проблем, и дека не е имагинарен, ќе им појаснам со примерот на едно семејство. Ако, на пример, газдата, домаќинот, таткото, сопругот…, си дозволи самиот да земе кредит, и тој кредит, самиот да го потроши во кафеана, да го испие, да го даде на танчарки, да ги бркне паричките во градникот на танчарката, нему ќе му биде фино. И, во тој момент, ќе си го направи ќеифот, но дома ќе си отиде со долг од, на пример, неколку илјади евра. Тој долг се распоредува и на неговата сопруга, но и на неговите деца! Значи, сопругата треба да мисли како ќе ги врати, заедно со сопругот, ќеифот што тој го направил мажот во кафеана. Исто така, тој долг може да се префрли и кај децата, да им ја се загрози иднината на тие деца. Поинаков е случајот ако тие пари таткото ги земал и се задолжил, за да ги школува неговите деца и да им обезбеди подобра иднина. Тоа е продуктивно задолжување”, изјави Теменугов.
Ставовите и анализите на сите економски експерти со кои разговараше ЦИВИЛ Медиа, потврдуваат дека и по оставката на Ставрески, која Собранието денеска треба да ја констатира, јавниот долг на Македонија, останува како товар кој граѓанките и граѓаните со генерации ќе треба да го враќаат.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian