Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (17 јуни 2016 година): ВМРО-ДПМНЕ: Владимир Талески е еден од најдобрите градоначалници во Македонија || Спировска: Шарената револуција ќе ја критикува и секоја наредна власт! || Упад на Советот на обвинители во обвинителствата: Ќе се пензионираат 30 „непослушни“ обвинители! || СДСМ: Груевски панично покажува огромен страв од регулрани избори!
ВМРО-ДПМНЕ: Владимир Талески е еден од најдобрите градоначалници во Македонија
„Владимир Талески е еден од најдобрите градоначалници во Република Македонија. Талески чесно и совесно си ја вршеше својата функцијата од 2005 година наваму. Затоа битолчани трипати по ред му ја даваа поддршката“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа добро го знае и аболицираниот криминалец Зоран Заев. Тој знае дека со луѓе како Талески, деструктивната политика на СДСМ никогаш нема да добие поддршка од граѓаните. Затоа, Заев кој е аболициран за криминал тежок 8 милиони евра, нарачува политички прогон на градоначалници и функциoнери на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Ивица Конески од ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа Катица Јанева постојано ги следи неговите наредби. Таа мора да биде негов послушник за да ја оправда платата од 3.000 евра. Затоа СДСМ се закануваат и вршат притисоци врз судиите, бидејќи знаат дека тука не станува збор за правда базирана на какви било докази, туку за класичен политички линч. Јанева и судиите кои подлегнаа на притисокот од СДСМ, се должни да и објаснат на јавноста како е можно да се бара и да се изрече мерка куќен притвор за градоначалникот Талевски, а да нема таква мерка за градоначалникот на Струмица кој целата јавност го виде како бара поткуп од едно евро за него и едно евро за Вицето“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Спировска: Шарената револуција ќе ја критикува и секоја наредна власт!
„Искрено, денеска не очекувам дека ќе има некоја промена. Многу е смешно што власта мисли дека може да не залаже со ситните натегања како што е притворот за Талески, како што е оставката на Ставрески. Чудно е што не се свесни дека тоа не е доволно, дека не се бориме за тоа, туку се бориме за правда а не за селективна правда, не за праќање на одредени луѓе во затвор за да се спасат два члена на Фамилијата!“, вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Симона Спировска, граѓанска активистка и шарена револуционерка.
Упад на Советот на обвинители во обвинителствата: Ќе се пензионираат 30 „непослушни“ обвинители!
Советот на јавни обвинители донел одлука да не им го продолжува мандатот на обвинителите кои имаат над 64 години и на тој начин, до крајот на годинава, ќе разреши најмалку 30 обвинители од постарата генерација низ сите обвинителства во земјава, дознава „Сведок“ од извори во Советот.
Откако е изменет Законот за работни односи и се дозволува да се продолжи работниот век на работниците до 67 години, истиот Совет, над 2 години носи одлуки со што им се продолжува мандатот на обвинителите кои сакаат да ја искористат законската можност и да работат до 67 години?!
СДСМ: Груевски панично покажува огромен страв од регуларни избори!
„Откако се распукаа сите бетони на фамилијата и се поништи дури и криминалната аболиција, Никола Груевски панично покажува огромен страв од соочување со граѓаните на регуларни избори. Избирачкиот список не е прочистен, нема реформи во медиумите, СЈО е под постојани опструкции, прекинат е политичкиот дијалог, само затоа што Груевски се плаши од слободни избори. Тоа го знаат сите.
Оттука, медиумските курири неуспешно се обидуваат стравот на Груевски од слободни, фер и регуларни избори да го покријат со постојани измислици. Во Македонија нема да има уште едни криминални избори, како што вети лидерот на демократска Македонија, Зоран Заев. Македонија ќе има само слободни, фер, демократски и кредибилни избори. Не може да избега Груевски, колку и да се обидува да одолговлекува“, соопшти СДСМ.
Оваа вест е достапна и на: English