Толеранција за дивеењето на власта веќе нема и не може да има!

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја упатува својата безрезервна поддршка на сите барања на Шарената револуција и ја поддржува ненасилната граѓанска акција против недемократската власт.

Оставка на Владата, безусловно отстранување на сите пречки за работата на Специјалното јавно обвинителство, формирање Специјално одделение во Кривичниот суд, соодветно на мандатот на СЈО, департизација институциите, ослободување на медиумите, професионализација на Државната изборна комисија, пречистување на Избирачкиот список и слободни избори се условите за надминување на политичката криза во Република Македонија. За тие услови говориме со години наназад, но дојде денот кога сите рокови поминаа, а толеранција за дивеењето на власта веќе нема и не може да има!

Злоупотребата на моќта, структурното насилство и политичката корупција продолжија со несмалено темпо, наспроти сите напори, време и ресурси кои оваа земја ги потроши за да се дојде до решение за политичката криза. Осомничени за тешки злоупотреби, за грабеж на јавни пари и изборни кражби, седат на преговарачката маса и од таа позиција само ја продлабочуваат кризата и ја туркаат Република Македонија во мизерија и изолација, поделби, тензии и насилство.

На врвот на сето тоа, лидерот на владејачката партија продолжува со тешки манипулации, говор на омраза и сериозни закани во своите јавни настапи, како што тоа го направи и по повод роденденот на својата партија.

Додека тој говореше, полицијата апсеше активисти, а неговата партиска војска продолжи со узурпацијата на институциите и кршењето на човековите права и слободи.

Република Македонија нема повеќе време, ниту трпение за разбојничкото однесување на Груевски и неговата клика!

Нема повеќе место за мизерните лаги на узурпаторите кои зборуваат за политички прогон против нив, додека тие се на власт и спроведуваат невиден партиско-полициски прогон на неистомислениците!

Стравот исчезна!

Сите сме Шарената револуција!

Сите сме за правда, слобода и демократија!

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish