Пастирот испрати порака дека на народот му врие и дека нема уште долго да можел да ја држи ситуацијата под контрола.
Веднаш потоа, пристигнуваат вести дека Пастирот подготвува „спонтани скуп гдомова“ во Скопје, во одбрана на "транспортерот" Талески, исчезнатиот градоначалник на Битола. И тоа, на ден кога Шарената револуција закажа голем собир по истекот на ултиматумот за исполнување на барањата кои треба да отворат пат кон еднаквост, правда, слобода и демократија.
Пораката е примена, намерата е очигледна. Порака на очајник, кој за неговите криминали и криминалите на неговите "соработници", сака да втурне во крв цела држава.
Е па, „убав“ повод, таман за младичот со кристалната топка, во ова време кога гатачите се мошне актуелни, да испрати неколку пораки до неколку општествени групи на граѓани.
Прво, до оние што ќе се качат во автобусите на пастирот, „милом или силом“: Не дозволувајте вие да го плаќате цехот на криминалците! Кога ќе дојдете во Скопје, преминете на страната на слободните граѓани на Македонија! Избркајте ги началниците, не дозволувајте за еден грст бандити да ви пропадне ем партијата, ем државата!
До полицијата: Сте се заколнале дека ќе им служите на граѓаните, суверените во оваа држава, на Уставот и законите, а не на началниците и на Пастирот. Во овие денови можеби ќе треба да докажете дали ви држи зборот и заклетвата, дали сте ЕБР, ПЕП, „Тигри“, полицајци на Република Македонија, или единица "чавчиња", односно џандари и слуги на началниците и диктаторчето.
До моите сограѓани и сонародници Албанци: Можеби изгледа дека мечката игра оро на друго место, но минатото на Николче покажува дека тој сака да ги крши непријателите еден по еден. Ден не поминува, без неговите „соработници“ да не направат некое антиалбанско дејствие, во очекување на "второто полувреме". Сервилната политичка класа на Албанците го лаже народот дека тоа не е негова битка, додека се крадат парите од буџетот што речиси 40% го полнат Албанците, а населбите каде што живеат тие се како во средниот век. Затоа, ајде да ја свртиме играта. Да им излеземе на мегдан и да се соочиме со Груевски и неговите измеќари, да ја поддржиме Фатиме Фетаи, да излеземе во своја одбрана, уште од денес да почнеме да работиме посветено за да се постигне она што го заслужуваме - еднаквост, правда, слобода, демократија!
До сите оние што беа на улиците сето време, и сите оние што се против ова лудило и ропство: Деновиве се решава судбината на земјата, затоа сите на улица - најрешителни, најгласни, најбројни! Нека му се тресат гаќите на Пастирот, додека граѓаните доаѓаат по своето!
Дека не се плашиме, им покажавме и вчеравечер, кога си го расипаа роденденот, обидувајќи се да ни ги апсат соборците. За половина час им се собра народ, а нашиот соборец Павел Богоевски беше пуштен на слобода. По нашите силни протести, се повлече аболицијата, се случи Пржино, паднаа оставките на бате Саше, Миле - „ми текна“, Јанкулоска... Јасен е начинот како се игра оваа игра со началниците.
Затоа, не смееме да се колебаме на патот до слободата. Денес и деновиве, и да не се случи ништо спектакуларно, секој мал чекор во полза на победата на граѓаните - е посакуваниот исход. Мора да нé биде, или нема држава. Или ќе „уцвикаат“ криминалците и бандитите и ќе се отвори патот, или ќе „уцвикаме“ и ќе не изеде мракот.
Оваа вест е достапна и на: Albanian