ЗНМ побара од специјалната обвинителка Катица Јанева, да го преземе одвоениот предмет на новинарот Зоран Божиновски од обвинителството за организиран криминал, поради неговата поврзаност со предметот „Шпион“, врз кој СЈО веќе има воспоставено надлежност.
Како што е наведено во соопштението на ЗНМ, претставници од здружението денеска во Специјалното јавно обвинителство имаа средба со обвинителката Катица Јанева и нејзините соработници.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја информираше обвинителката Јанева за случајот на новинарот Зоран Божиновски, кој два месеца е во притвор затоа што Јавното обвинителство го сомничи за разни кривични дела. Правниот застапник на Божиновски веќе достави и формално барање до СЈО за преземање на случајот.
Претходно, Меѓународната федерација на новинарите, на нејзиниот 29-ти Светски конгрес, кој се одржа од 7 до 10 Јуни во францускиот град Ангерс, усвои ургентна резолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето на новинарот Зоран Божиновски. МФН изрази целосна поддршка на новинарот Божиновски и на напорите на ЗНМ за заштита на слободата на медиумите и на правата на новинарите.
Божиновски во април оваа година беше уапсен во Нови Сад по налог на српското Министерство за правда по меѓународна потерница, распишана во ноември 2013 година, како осомничен во случајот „Шпион“, по што беше веднаш екстрадиран во Македонија.
Оваа вест е достапна и на: Albanian