„Една година помина од премиерата на документарниот филм „Зелени ѕидови, црна храна“ за условите во студентските домови во Скопје, а ситуацијата е сè уште иста. Во реновираниот блок Б во Студентскиот дом "Гоце Делчев", пуштен за вселување во ноември минатата година, по две години лажни ветувања, веќе почна да се појавува мувла на подот во собите. Топла вода нема и по две недели, а исто така, изборот и квалитетот на храната во студентските мензи не е променет. Во читална има компјутери, но најчесто нема интернет или е премногу слаб. Се реновира и блок А и наводно треба да се пушти за вселување од септември. Но, што кога за секој блок би се потрошиле по година, две за реновирање? Тоа би значело дека за пет-шест години ќе се заврши само овој студентски дом. А, што е со другите студентски домови низ државата и со генерации и генерации студенти кои ќе мрзнат и гладуваат додека се реновира? Наместо приоритет да им биде студирањето, тие се обидуваат да се прилагодат на неусловите за живот,“ вели во разговор за ЦИВИЛ - Медиа, авторката на филмот Сандра Ѓоргиева.
Филмот „Зелени ѕидови, црна храна“ е достапен онлајн веќе два месеца, а како што вели Ѓоргиева, го гледале повеќе луѓе надвор од државата, при учеството на голем број на фестивали, каде гледачите биле шокирани и не можеле да поверуваат дека во Македонија студентите живеат на ваков начин.
„Залудно е да се бара виновникот. Дали тоа што студентите влегоа во зона на комфор и заборавија дека заслужуваат подобро, дека ова го прифатија како стандард на живеење и дека не се доволно силни да реагираат, придонесе општеството да ги занемари и да вложува помалку во домовите? Или обратно, занемарувањето на студентските услови од институциите и притисокот да не се зборува за истото во јавност, придонесе за обесхрабрување на студентите да излезат и гласно да кажат дека им треба подобро легло и подобра храна?", се дилемите кои ги поставува Ѓоргиева.
"Во секој случај, отворањето на оваа тема и постојаното потсетување на катастрофалните услови во кои живеат студентите во студентските домови во Скопје, како и поголем притисок на студентите врз институциите, ќе допринесе за побрзо реновирање, поголемо вложување и искачување на овој проблем погоре на листата на приоритети кои ги имаме во државата", вели авторката на филмот, која сака да верува дека ситуацијата ќе се промени на подобро.
Марија Теговска